Ненад Стојановски, сообраќаен инжинер и љубител на МТБ: Сообраќајот во Скопје е хаос, но планинскиот велосипедизам во близина на Скопје е нешто посебно

Иако сме на самиот почеток на зимата, пасијата кон спортот е тука и таа никогаш не запира.  Оние кои го сакаат спортот и се заљубени во него го користат последниот сончев зрак и нетрпеливо чекаат да дојде пролет за да ги продолжат спортските викенд авантури во зеленило и приорода. 

Велосипедизмот е спорт кој секојдневно добива на популарност, особено оној планинскиот затоа што таму контактот со природата е нешто поинакво кое во урбаниот хаос не може да се доживее.  Токму на оваа тема и на теми поврзани со велосипедизмот, но и општо за спортот, природата и сообраќајот разговаравме со Ненад Стојановски кој по професија е сообраќаен инжинер,но истовремено е Претседател на здружението МТБ Илиден кое функционира локално во рамки на општината Илинден.

На самиот почеток на разговорот го прашавме за неговиот личен впечаток, како од  професионален аспект тој го гледа сообраќајо во Скопје.

Ненад е дециден дека сообраќајот во Скопје е тотален хаос.

- Оптоварени  улиците, булевари, пешачки и велосипедски патеки, неправилно користење и почитување на сообраќајни правила и прописи за движење од страна на сите учесници во сообраќајот, вели Ненад кој е дипломиран сообраќаен инжинер.

- Сообраќајната култура кај нас не го третира велосипедистот како дел од сообраќајот, додава тој и вели дека како велосипедист најмногу му пречи недостатокот на велосипедски патеки, а фактот дека тие кои веќе ги имаме се искористени од паркирани возила.

- Исто така не постои една целина на велосипедските патеки од точка А до точка Б,  а со тоа велосипедистите се принудени да возат по сообраќајната лента, а на тој начин нивото на безбедност на велосипедистот е минимална, додава Стојановски на оваа тема.

- Возачите имаат чувство дека кога управуваат со возилото се само тие во сообраќајот, но тоа не е така. Сите ние учесници во сообраќајот: возачи, велосипедисти и пешаци кога би ги почитувале и користеле правилно сообраќајните правила и прописи  ќе имаме меѓусебна почит, сообраќајот би бил побезбеден за сите учесници во сообраќајот. Ова е од аспект на сообраќајна култура за која што може секој да придонесе, а останатите работи околу сообраќајната инфраструктура се должност и обврска на Градот Скопје, вели Ненад на оваа тема. 

Но, тој вели и дека планинскиот велосипедизам во близина на Скопје е  нешто навистина посебно, а општината Илинден нуди многу можности за велосипедизам, планинарење и други спортски активности.

- Нашата инфраструктура нуди „он роад“ и  „оф роад“ патеки. И со гордост може да се пофалиме и да го понудиме како предлог пределот на  Ајватовски Рид, каде се наоѓа прекрасниот  Манастир Св.Петар и Павле, кој што всушност е симобол и на логото  на МТБ Илинден. Самото место е погодно и искористено од многу спортски активисти од Скопје и пошироко, вели Ненад во разговорот со Скопје Инфо.

- Комплексноста на теренот овозможува до некој населени места да се стигне и по „ он роад „ и „ оф роад „ патеки, а сето тоа оставаме на желба и способност на секого, додава тој.

На крајот го прашавме за идните планови на спортското здружение со кое тој раководи, а кое го сочинуваат неколку ентузијасти, вљубеници во планинскиот велосипедизам.

- Како здружение коешто се уште е ново и непознато за многумина, нашата цел е проширување и промоција на истото. Главна цел за следната година ни е реализација на првиот outdoor festival, вели Ненад.

- Во преговори сме со Општина Илинден во следниот период да работиме за подобрување на квалитетот на „оф роад“ патеките кои подразбира означување и маркирање на истите за полесен пристап до нив. Исто така ние ќе дадеме предлог до општината за инцирање кампањи и проекти за проодни и безбедни вело патеки. Како здружение секогаш ќе стоиме позади мотото за користење на велосипедите како дел од активниот превоз со кој ќе се растерети моторизираниот сообраќај, ќе се придонесе за подобра еколошка слика како и ќе се подобрат навиките за здраво живење, додава Стојановски.

На крајот се заблагодарува на сите спонзори и поддржувачи на здружението и ги повикува сите страствени велосипедисти да се придржуват во авантурите кои имаат за цел уживање во планинскиот велосипедизам и откривањето на убавините на општината Илинден.