Немој да ми судиш според едно животно поглавје низ кое само си прошетал

Човече, немој да ми судиш според едно животно поглавје низ кое само си прошетал! Она што бев тогаш, не сум повеќе тоа. Да, можеби има некои останки од личноста која бев, но те уверувам дека сум далеку од претходната верзија на себеси.

Зошто толку често вперуваш со прстот во другите, а понекогаш и во мене? Зошто мислиш дека си ја открил Америка, дека си некој важен, некој кој може да го сруши мојот развој? Откаде ти е таа лажна самодоверба, арогантно однесување и зборови за оние кои само површно ги познаваш?

Дали знаеш колку нијанси носиме во себе? Дали знаеш дека низ животот се менуваме како камелеони, но не за да се скриеме од нашето минато, туку за да дознаеме нешто ново. Сите имаме свои патишта, одредени од некој таму горе и понекогаш се вкрстуваат со патиштата на оние луѓе кои сме одлучиле да ги прошетаме низ животот, на ден или два, месец или година. Да, ти можеби остави траг во мене, можеби и јас на тебе. Можеби тие траги се лоши, можеби се најубави.

Но, не можеш да ја судиш книгата врз основа на корицата, па така ни мене, ниту некој друг. Не можеш да живееш мислејќи дека не можеме да се промениме. Не можеш да мислиш дека сме еднодимензионални, досадни, осудени да стоиме во место  и да не напредуваме. Не можеш да ги ставаш сите луѓе во истиот кош и да лепиш етикети онака од ракав. Мислам, можеш, но со тоа покажуваш колку си далеку од напредокот и вистината.

Сите понекогаш сме биле и лоши и груби. Понекогаш лоши за себе, понекогаш и за другите. Но, тоа не значи дека и натаму сме такви. Тоа не значи дека не сме извлекле поука и дека не сме станале подобри. Тоа сигурно не значи дека не сме се покајале за своите лоши постапки. Можеби сме се искупиле со зборови и дела, можеби нѐ болело повеќе од луѓето кои сме ги повредиле.

Работите не се толку едноставни како што тоа изгледа на прв поглед. Ние сме полни со слоеви, имаме многу доблести и маани. И грешни сме, тоа е факт. Но, разликата е во тоа како се однесуваме со другите луѓе. Дали вперуваме со прст во другите, дали се насладуваме, дали се пцуеме или се расправаме? Дали сме рамнодушни за туѓите грижи и маки, дали сме безобразни или им помагаме? Или ги гледаме работите од далечина, надевајќи се дека некои луѓе ќе научат од своите грешки? Можеби сепак им посакуваме среќа за да си го пронајдат патот кон среќата. Тоа е она што нѐ разликува.

Дали навистина можеш целосно да познаваш некого? Не, не можеш. Ниту ти, ниту јас. Затоа што и животот, како и ние, постојано се менува. И во тоа нема ништо лошо. Она што си денес, не мора да бидеш утре ако не сакаш. Дозволи им на луѓето да бидат она што се, да се изразат и да научат нешто од лошите лекции.

Сети се дека ни ти не си биил злато, ниту пак секогаш си одел по најдобриот и најискрениот пат. И ти секогаш не си носел добри одлуки за себе и блиските. И ако тогаш покрај тебе не биле оние кои те гледале со искрени очи и оние кои во лошото ја виделе твојата големина и убавина, дали денес би бил она што си?

Не си совршен, а не сум ни јас. Не го барај во луѓето она што мислиш дека го имаш. Сите сме различно скроени. Имаме право да згрешиме, да паднеме и да станеме подобри. Имаш право и повремено да стоиш во место, сѐ додека не собереш сила за понатаму.

Откриј ги своите бои и она што те боли. Ќе прошеташ низ туѓите животи и ќе сакаш да оставиш убава трага. Затоа, пред да судиш, обиди се барем да се запознаеш себеси. А ако ти се случи некакво лошо искуство, верувај во втора шанса во животот...