Поранешната раководителка и основачка на вториот Центар за изгореници во Македонија, д-р Добрила Андоновска, преку објава на социјалните мрежи потсети на значењето, работата и успешноста на овој специјализиран центар кој функционирал до 2016 година, апелирајќи за итна потреба од повторно негово отворање.
Центарот, кој беше сместен во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“, беше еден од ретките во регионот опремен со најсовремена технологија, вклучувајќи и уникатни клинитронови системи за третман на пациенти со тешки изгореници. Тимот беше составен од врвни хирурзи, анестезиолози, реаниматолози и медицински персонал, кои лекуваа над 1.300 пациенти со животозагрозувачки изгореници во период од 15 години.
„Во Центарот се лекуваа и пациенти од странство, имаше потенцијал да прерасне во регионален центар. Работевме со посветеност, тимски, и со многу љубов кон професијата и пациентите“, посочува д-р Андоновска.
„Ова не е обвинување до актуелните власти. Напротив, им честитам за напорот што го прават да се згрижат повредените од трагедијата во Кочани, но истовремено мора да се отвори прашањето – дали државата ќе ја чини помалку да формира современ центар за изгореници или да продолжи да испраќа пациенти на скапо лекување во странство?“ – вели таа.
Таа потсетува дека цената на лекувањето на еден пациент со екстензивни изгореници во странство може да достигне и до 250.000 евра, додека во Македонија постојат и стручњаци и неискористени капацитети кои би можеле да се адаптираат за таа намена.
„И по најголемите шокови, доаѓа време кога треба рационално и одговорно да се донесат важни одлуки. Ова е момент кога мора да се направи стратегија, а не импровизација“, додава таа.
„Имаме искуство, знаење и подготвен кадар. Потребна е само визија и политичка волја. Современ Центар со капацитет од најмалку 50 легла не е само здравствен приоритет, туку и стратешка инвестиција во безбедноста и добросостојбата на граѓаните“, порачува д-р Андоновска.
Таа изрази длабоко сочувство до семејствата на жртвите од трагедијата и им посака успешно и целосно закрепнување на сите повредени. Завршува со апел – откако ќе заврши овој тешок период, да се седне со „ладна глава“ и конечно да се направи долгорочна стратегија за третманот на изгореници во земјата.