Скопје, Јуни 2025 година скулптор и етнолог Елена Оровчанец-Спироска на социјалните мрежи раскажа за вистинска случка која според неа покажува колку сме се претвориле во народ без емпатија и чувство. „Немам никој“ – зборови што уште долго ќе одекнуваат во главата на скопјанката Елена, која деновиве на социјалните мрежи раскажа за потресна случка што ја доживеала на автобуска станица во центарот на Скопје. Нејзиниот статус вирално се прошири и покрена лавина од реакции – за солидарноста, за емпатијата, за тоа колку сме (не)луѓе во моменти кога е најпотребно.
Сè започнува со обична секојдневна ситуација – скулпторката се обидува да се качи во автобус број 27 кај станицата „Рекорд“, но бидејќи картичката и е празна, се симнува за да ја надополни и повторно чека автобус, овојпат на Зелен пазар. Таму, точно во 13:48 часот, се случува нешто што целосно го менува текот на нејзиниот ден – и на размислувањата за нашето општество.
„Во еден момент, една постара жена која седеше на клупата почна да се тресе и да повраќа. Сите се тргнаа, никој не пријде, само празен круг околу неа“, сведочи Оровчанец-Спироска. Таа, единствена што приоѓа, ја завртува жената настрана за да не се угуши и веднаш се јавува во Итната медицинска помош.
„Ѝ ја објаснив ситуацијата на диспечерката – дека жената не може да оди, дека е во сериозна состојба, и ми рекоа дека ќе пратат возило. Ја дадов локацијата и останав да ја чекам брзата помош“, вели таа.
Во меѓувреме, постарата жена се освестува, но е дезориентирана. Добива малку вода од соседната пекара, а во разговорот со Елена, ја изговара реченицата која ја потресе целата јавност: „Немам никој.“
„Ја прашав дали има деца – ми рече дека ќерката ѝ починала. Дали има некој друг? ‘Имам сестра, ама и таа е инвалид. Немам никој друг.’“, пишува Елена во својот статус. Потоа, додава: „Проклет нека е животот во кој човек е сам. Проклет нека е животот во кој човек врти глава, наместо да подаде рака.“
Во 14:03 часот пристигнала Итната помош и жената била пренесена. Но, она што останува е чувството на длабока тага и прашањето – дали живееме во општество во кое е нормално да се врти глава од човек во неволја?
„Ја живеам таа сцена уште, ми ѕвониат зборовите во глава – немам никој“, завршува Оровчанец-Спироска.
Низ коментарите на социјалните мрежи, луѓето ја повикуваат на поголема солидарност, но и на враќање на изгубените вредности – блискоста, човечноста, подадената рака. Зашто, во моментите кога некој нема никој – само општеството и ние како поединци можеме да бидеме тој „некој“.