Нема веќе ред и чекање: Граѓаните нема потреба да поднесуваат даночни пријави, тоа ќе го прави УЈП

Владата на вчерашната седница го разгледа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за персоналниот данок на доход кои предвидува крај на обврската за поднесување даночни пријави.

Со предложените измени и дополнувања на овој закон граѓаните веќе нема да имаат обврска да поднесуваат даночна пријава. Тоа ќе го прави УЈП, а граѓаните ќе треба само да ги потврдат или корегираат информациите во пријавата.

Имено, со Предлог Законот се предлага УЈП да изготви пополнета годишна даночна пријава за остварените приходи на даночните обврзници и истата да им ја достави до 30 април во годината која следи по годината за која се утврдува данокот.

Управата за јавни приходи ќе врши контрола на точноста на пресметката на персоналниот данок на доход пред исплатата на приходот, ќе генерира налозите за плаќање на данокот и по електронски пат ќе ги доставува до носителите на платен промет.