Нема веќе дозволи за градба на Водно

Сѐ поизвесно е дека Општина Центар нема веќе да издава дозволи за градба на Водно.

Општинарите се цврсто решени да стават крај на трупањето згради во подножјето на скопскиот рид, на кој во изминатава деценија згради никнуваа преку ноќ. Јавна тајна е дека десетиците објекти ја нарушија безбедноста не само на околните куќи, туку опасноста постојано демне(ше) и на објекти лоцирани подолу од градежната линија на Водно која постојано се искачуваше. Експертите во неколку наврати опоменуваа дека свлекувањето на земјата на Водно, во најголем број случаи, е резултат на непромислени и штетни градежни работи.

За да спречи евентуални нови несакани последици, додека уште има време, градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, неделава ќе разговара со директорот на Институтот за земјотресно инженерство и сеизмологија, Михаил Гаревски.

„Градоначалникот договори средба со директорот на ИЗИС за да се утврдат критичните точки на територијата на општината каде што нема да се издаваат одобренија за градење", информираа од Општината. Оттаму посочуваат дека најголем дел од зградите од кои демне опасност по безбедноста на околните куќи се станбени објекти со десетици станови, наместо куќи, какви што всушност објекти требале да се градат. Но, како што велат од Општина Центар, инвеститорите успеале да ги пренаменат.

Токму зголемувањето на катноста, оптоварувањето на инфраструктурната мрежа, во изминативе години беше и причина за чести свлекувања на земјата на Водно. Неодамна опасност им затропа на врата на жителите на улица „Славејко Арсов", па од тие причини Општина Центар почна да гради потпорен ѕид во тој реон. Ова е само еден од случаите каде што со потпорни ѕидови се спасува безбедноста, колку што е можно.

Имајќи предвид дека Водно има состав на земјиште и конфигурација која го прави подложно на свлечишта, пред десетици години државата континуирано го пошумуваше, правеше безбедносни канали и брани. Но, во последната деценија Водно наместо да се пошумува и одржува како зелена оаза на Скопје, се уништуваше. Притоа, десетици згради го уништија дрвниот фонд, стабилноста на земјиштето, а со тоа и општата јавна безбедност.

Многупати изминативе години експерти укажуваа и опоменуваа дека треба да прекине градежната експанзија на Водно, оти во спротивно често ќе има појава на нови свлечишта, особено во делот каде што поминува новиот пат Сопиште-Скопје. Според дел од експертите, патот е бесмислен и незаконски и се направени тешки укопи и оштетувања на теренот, кои ќе предизвикаат нови проблеми.Генерално, голем број архитекти алармираа дека градежната офанзива на падините на Водно веќе го претвори овој дел од Скопје небезбеден за живеење.