Нема пушење во обложувалници, ниту додека чекате автобус - Ќе се казнува и за пушење во полициските станици

 Предлог-законот за заштита од пушење  не престанува да ја бранува јавноста. Едни се за, други против, а секојдневно се открива сѐ поширокиот дијапазон на локации на кои ќе биде забрането палењето цигара. 

Според предложените одредби, пушење на тутун, електронски цигари, загреан тутун и други никотински производи нема да биде дозволено во следниве простори:

- во сите здравствени установи, установи за социјална заштита, образовни, културни и спортски објекти

- пред влезови на здравствени и образовни институции

- во и пред објекти за престој и сместување на деца, ученици и студенти

- во државни институции и општински објекти

- во сите работни простори и возила што се користат за работа

- во јавен превоз од сите видови – автобуси, возови, авиони, бродови, жичници и ски-лифтови

- на автобуски, железнички и аеродромски станици, како и пристаништа

- на станици за градски и приградски превоз

- во приватни возила ако во нив има дете

- во продавници, трговски објекти, пазари и саеми

- во сите угостителски објекти – ресторани, барови, меани, кантини и објекти за сместување

- во заеднички простории на станбени згради (лифтови, ходници, котларници, светларници)

- во полициски станици, затвори и воспитно-поправни установи

- во објекти за игри на среќа

- во и пред објекти каде се организираат забавни и рекреативни активности за деца, вклучувајќи игротеки. 

Новиот закон предвидува значително високи казни за непочитување. По категории:

- За правни лица: од 2.000 до 5.000 евра;

- За одговорни лица: до 2.000 евра;

- За физички лица: глоба на лице место од 100 евра;

Сепак, ќе биде можно и порамнување преку општокорисна работа или финансиски придонес за здравствени кампањи.