Нема место за движење на пешаците и велосипедистите во Дебар Маало од летните тераси на кафаните и кафулињата

Град Скопје уште не ги обележал терасите со жолта лента како што најави градоначалникот Петре Шилегов на 11 април, пишува СДК.

Нема место за движење на пешаците и велосипедистите во Дебар Маало од летните тераси на кафаните и кафулињата. Кафеанџиите и понатаму си ги поставуваат масите и столиците надвор од дозволената зона, непочитувајќи ја одлуката на Град Скопје дека на јавните површини мора да има најмалку 2,5 метри проодна површина.

Месец и половина по најавата на Шилегов за обележување, пред ниту една кафеана или кафуле нема жолта ознака. Ги нема ниту инспекторите од Општина Центар кои треба да казнуваат доколку угостителите не ги почитуваат правилата донесени од Градот.

Рокот за доставување барања за летни тераси заврши на 31 април. Инспектори од Град Скопје како што пристигнувале барањата оделе по кафеаните и мереле до каде може да им бидат терасите. Притоа, на сопствениците им доставувале пресметка во зависност од тоа колку јавна површина зафаќаат и колку треба да плаќаат такса. Но, иако инспекторите биле на терен, не бележеле со жолта лента. Па сега кафанџиите со дивите тераси заработуваат, а за тоа не плаќаат, бидејќи пресметките им се само за она што им одобрено според Правилникот на Град Скопје.

Од Кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов велат дека бележењето со жолта лента ќе почне откако прво ќе се изврши премер дали терасите се во согласност со поднесените барања и одредбите од Правилникот.

„Градот Скопје работи на решенија кои ќе овозможат сите лица да имаат простор за движење и да се врати јавниот простор на граѓаните. Досега имавме случаи сопствениците на локалите да ја поставуваат нивната урбана опрема надвор од утврдениот простор наведен во дозволата. До Град Скопје пристигнаа 515 барања за поставување летни тераси. Во рамки на постапката за издавање на одобренија за летниот период, која е во тек, се врши премер дали терасите се во согласност со поднесените барања и програмата и потоа кога ќе се утврди фактичката состојба на сите тераси тие ќе бидат обележани“, велат од Кабинетот на градоначалникот Шилегов.

Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ веќе три месеци најавува дека Општината ќе спроведе акција за санкционирање на сите диви тераси. Но, досега никој не е казнет. Во акцијата која Општина Центар на 5 мај ја спроведе заедно со МВР и Пазарната инспекции десетина кафанџиите добија само опомени пред казнување да ги усогласат летните тераси според Правилникот на Град Скопје .

Одлуката која Советот на Град Скопје по предлог на градоначалникот Петре Шилегов ја изгласа на 11 април, предвидува на јавните површини на кои ќе се поставуваат маси и столици да има слободна проодна површина од 2,5 метри почнувајќи од рабниците или велосипедските патеки. На оние тротоари каде има дрва, столбови или друга опрема тогаш просторот за пешаци не треба да биде помал од 1,2 метри.

Угостителите во рамките на дозволената тераса да можат да постават и монтажна платформа со висина од 15 сантиметри, а настрешниците да бидат прицврстени со две греди кои треба исто така да се наоѓаат во рамките на обележаната површина за тераси.