Нема ковид-ограничувања за влез во Италија

Амбасадата на Италија во земјава информира дека почнувајќи од вчера, па сѐ до 31 март, кога се очекува да заврши вонредната состојба во Италија, повеќе ќе нема ограничувања за влез во таа земја.

– Ќе може да се влезе и за туристички патувања, со приложување на Европскиот ковид-сертификат, добиен по извршена вакцинација со една од вакцините одобрени од ЕМА. Алтернативно, ќе може да се влезе во Италија и со потврда/сертификат за оздравување или со прикажување негативен молекуларен или антигенски тест, од кој се ослободени децата до шест години. При влез во земјата задолжително треба да се приложи и дигиталниот формулар за лоцирање патници PLF (Passenger Location Form), соопшти вчера Италијанската амбасада.