Нема да се укине роамингот - Македонците и ова лето ќе го исклучуваат телефонот кога ќе одат на одмор во европските земји

Македонците и ова лето ќе го исклучуваат телефонот кога ќе одат на одмор во европските земји.

На самитот во Софија Европската Унија не го укина роамингот за државите од Западен Балкан, како што се надеваа балканските земји, вклучително и Македонија. Европејците донесоа одлука да почне процесот за намалување на цените, но нема конкретен рок кога тоа може да се случи.

Од Министерството за информатичко општество велат дека на самитот Европската Унија одвоила 30 милиони евра за инвестиции во широкопојасните мрежи за регионот, а во меѓувреме ќе прави план за намалување на цените.

„Последната информација што ја добивме во комуникација со Еврокомесарката Мариа Габриел е дека конкретна временска рамка и мерки за спроведување на активностите поврзани со намалување на цените на роаминг ќе биде презентиран на 26ти јуни, на дигиталното собрание во Софија за земјите од ЕУ и Западен Балкан“, велат од Министерството.

Не се укина ниту роамингт со Бугарија иако нашите соседи минатата година рекоа дека Бугарија ќе биде првата земја членка на ЕУ во која за македонците нема да се наплаќаат дополнителни роаминг трошоци за мобилни разговори, пораки и Интернет.

Од мобилните оператори велат дека до сега никој не побарал од нив да ја почнат постапката за намалување на тарифите.

Уште од 2014 година Србија, Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина покренаа иницијативи да им се укине роамингот во земјите од Европската Унија. До сега секој таков обид беше неуспешен. Откако Бугарија го презема претседателството со ЕУ ја реактивира иницијатива.

Досега Македонија успеа да ги намали трошоците за роаминг со Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.