Нема да се плаќа партиципација за пациентите на онкологија

Министерството за здравство информира дека нема да се плаќа партиципација за преглед и лабораторија на пациентите на онкологија.

Во Програмата за партиципација при користење на здравствена заштита на одделни заболувања на граѓаните и здравствена заштита на родилките и доенчињата во Република Македонија за 2018 година е наведено дека програмата опфаќа лекување на малигните болести со хируршки третман, зрачење и апликација на хемиотерапија (цитостатици). Видот и начинот на третманот зависи од природата и стадиумот на болеста.

Со оваа програма се обезбедуваат средства за партиципација за осигурените лица, а осигурените лица правата од здравствената заштита ги остваруваат врз основа на своето здравствено осигурување.

„Според оваа програма се што е поврзано со малигни болести не треба да се наплаќа партиципација. Лекувањето на карциномите опфаќа покрај хируршки третман, зрачење и апликација на хемиотерапија, следење на болеста, периодични прегледи и лаборатории.

Иако во оваа програма јасно не е наведено дека партиципацијата за прегледи, лабораторија и пункции нема да се наплаќа, Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување цврсто го потврдуваат ставот дека целиот тек на следење и лекување на малигните болести се ослободува од партиципација. Дополнително како Влада работиме и на ослободување од партиципација и за други категории на осигуреници“, информира Министерството за здравство.