Нема да дозволиме да се стопи Ќосето, пресече Општина Сопиште

Советот на општина Сопиште на предлог на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука со која бара од донаторот на спомен обележјето Андон Ќосето да се согласи да го отстапи на општина Сопиште и да биде поставен на територијата на општина Сопиште.

Според мнозинството советници во општината, предлог локацијата е да биде на самиот влез кај големиот Кружен тек на патот за Сончев град. Истата активност нема да биде на финансиски товар на општината, односно за спомен обележјето е веќе изработено, а за изработка на постаментот ќе бидат побарани донатори кои ќе имаат волја да помогнат, вели Јане Мицевски, претседател на Советот на Општина Сопиште.

-Споменикот на Андон Ќосето нема да дозволиме да биде стопен. Тој гордо ќе биде поставен во општина Сопиште, а граѓаните на општина Сопиште ќе имаат спомен обележје од овој значаен историски лик. Ние како општина покажуваме, за разлика од други дека приоритет даваме на изградбата а не на уривањето, рече Мицевски и додаде дека иницијативата е од советниците на ВМРО-ДПМНЕ.

Советниците од СДСМ гласаа против бидејќи општината била во долгови и стравуваат , како што велат , од можни меѓуетнички тензии кои може да ги предизвика поставувањето на Ќосето во мултиетничка општина.