Нема ајро, а?

Ајро, Ајродром, ајро, ајро, воздух, го снема воздухот... така викаше еден политичар по митинзи низ наш Аеродром, па дури и го прекрсти во Ајродром.

Ајро стана синоним за борбата за чист воздух... или пак за исмевање на лагите кажани од политичарите од власта, истите оние кои ветуваа дека со промена на власта ќе се исчисти воздухот.

Еден од најгласните борци за чист воздух беше и тој, градоначалникот на Аеродром (или Ајродром како што милува да каже неговиот лидер) Златко Марин.

Му напишаа програма, зелена и чиста, без дамки, нешто вети и самиот, ама од програмата ништо, уствари не, излезе само едно дрво.

- Гасификација на Аеродром, за почист воздух и за пониски трошоци – одличен проект.

- Мерки за чист воздух, субвенционираме енергетско ефикасни фасади и набавка на печки за греење на пелети – уште еден одличен проект.

- Незагадена, чиста, енергетски ефикасна ошптина, препознатлива по најсовремените еколошки стандарди – вети во својата програма Златко Марин.

Урбанизмот и урбанистичките планови не ги спомнувам, тие се посебна тема.

Но што навистина се случува во Аеродром во однос на мерките за заштита на животна средина и чист воздух?

Веќе втор буџет се троши под раководство на Марин, реализација НУЛА. Конкретно за животна средина во 2018 година имаше реализација од едвај 13%. Во 2019 за пола година успеа да реализира едвај 25% од предвидените средства.

Ќе го „спасуваше“ Аеродром со печки на пелети и инвертер климатизери, ама и тоа комплетно неуспешно. Во 2019 година додели 3 (со букви ТРИ) субвенции за набавка на печки на пелети и 19 субвенции за навабка на инвертер климатизери. И најавените 27 испаднаа 19. Премалку за општина со повеќе од 70 илјади жители.

Ветуваше набавка на нови мерни станици, кои требаше да бидат поставени на повеќе места во Аеродром, а притоа единствената мерна станица за мерење на аерозагадувањето, која е во надлежност на Министерството за животна средина и просторно планирање повеќе од 400 дена или 14 месеци не работи.

Гасификација нема, отпад, депонии, преполни контејнери на сите страни, чад и непријатен мирис станаа секојдневие во Аеродром.

Всушност никој ништо не работи, да беше само до мерната станица. Еве и градоначалникот веќе 700 дена ништо не работи.

Ancoras tollere – подигни го сидрото Златко Марин, не блескаме, тонеме, се гушиме.

 

Пишува: Дејан Митески, Поранешен член на советот во општина Аеродром