Нелегално влегле во македонскиот дел на Охридското езеро и ловеле риба - Уапсени тројца албански државјани

Тројца албански државјани добија кривични пријави затоа што со пловни објекти илегално влегле во македонска територија и вршеле незаконит риболов.

Како што информираат од МВР, во периодот од 6-ти до 8-ми март, во две одделни акциски контроли, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“, во водите на Охридското езеро од слобода ги лишиле Ј.Ц.(53), Е.Б.(50) и А.Ш.(21), сите од Република Албанија.

Тие, откако со пловни објекти, илегално ја преминале македонско-албанската државна езерска граница, од полициската патрола се затекнати во македонските територијални води при вршење на кривично дело „незаконит риболов“, по што, по наредба на јавен обвинител, одземени им се пловните објекти, рибарските мрежи со уловот.

По целосно документирање на случаите, против овие лица се поднесени пријави по член 229 од Кривичниот законик - „незаконит риболов“ и по член 9 од Законот за гранична контрола - „илегално преминување на државната граница, додаваат од МВР.