Нелегалниот превоз се договара преку социјалните мрежи

Автобусите на меѓуградските линиии  во работните денови возат полупразни, а дел од  превозот веќе се покрива со комбиња,  затоа што патниците сè почесто ги користат услугите на дивите превозници.

Тие се нелојална конкуренција на регистрираните превозници, кои се жалат дека бележат сè повеќе загуби, ги редуцираат линиите и не се во можност да ги исплаќаат вработените. Истовремено граѓаните кои користат услуги на дивиот превоз се правдаат дека за иста цена колку што чини автобускиот билет добиваат превоз до кое било место, а не само до автобуските станици, но не коментираат дека на тој начин учествуваат во продуцирање сива економија.  Со проблемот со дивите превозници на терен треба да се справат 16 инспектори на Државниот инспекторат за транспорт, како и 60 општински инспектори, кои законски се обврзани да преземаат мерки за територијата на општината.

Нелегалниот превоз се договара преку социјалните мрежи

Според тврдењата на асоцијацијата на превозници „Исток“, со помош на фејсбук-групи  се организира нелегален превоз скоро од сите градови во државата. Во Скопје дивите превозници најчесто се лоцирани околу Меѓуградската автобуска станица во Скопје, поранешната автобуска станица до стоковна куќа Мост, студентските домови, на ул. „Партизанска“ во близина на соборен храм „Св. Климент Охридски“ Скопје, факултетскиот комплекс кај Бит-пазар, ТЦ Сити мол… Од градовите од внатрешноста автомобилите на дивите превозници  кои немаат „обезбедено сигурни патници“ неретко тргнуваат пред автобусите и ги собираат нивните патници.

основа за санкции и механизам постои, но државните институции молчат и не постапуваат во согласност со своите надлежности. За да помогнат во сузбивање на дивите превозници до институциите доставиле акциски планови со табеларни прикази на регистарски таблички и карактеристики на возила на диви превозници по градови.

-Заради олеснување на контролите, а за да се избегне изговорот дека институциите немаат доволно кадар за прибирање податоци за дивите превозници, асоцијацијата „Исток“ во соработка со сите членки прибираше податоци по општини, за секое возило – див превозник одделно, со време на тргнување, маршрута на движење. Изработени се голем број акциски планови со надеж дека со наша помош  ќе се санкционираат дивите превозници, но не беа спроведени и земени предвид. Со тоа се потврдија сомнежите дека не станува збор за недостиг на кадар, туку недостиг на волја и можеби судир на интереси за нивно спроведување, вели Трпковски за МИА.

На почетокот на минатата година поднеле и кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција  против „субјекти кои вршат нерегистрирана дејност, превоз на патници во патниот сообраќај (диви превозници), но од Министерството за внатрешни работи добиле одговор дека сè уште се прибираат информации и докази.

Според Трпковски, надлежните институции треба што поскоро да формираат работна група за сузбивање на сивата економија со планови за преземање итни мерки во оваа област, следејќи го примерот на Република Србија.

Државниот инспекторат за транспорт лани санкционирал 243 превозници

Во Државниот инспекторат за транспорт се вработени 16 инспектори за патен сообраќај кои вршат инспекциски надзор по Законот за превоз во патниот сообраќај, Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај и Законот за работното време на мобилните работници во патниот сообраќај и уредите за запишување во патниот сообраќај, а дел од работното време инпекторите за патен сообраќај го губеле и во одење на Суд при решавање на поднесените тужби.

– И покрај сите проблеми што ги има Државниот инспекторат за транспорт преку државните инспектори за патен сообраќај во текот на 2018 има преземено мерки и санкци против 243 нелегални превозници. Треба да се напомене и тоа дека Комисијата за одлучување по прекршоци која ги решава Барањата за поведување на прекршочна постапка за нелегалните превозници се уште ги решава од 2015  година. За нашата работа да дава резултати Комисијата треба што побрзо да ги рашава нашите барања,  а УЈП треба да постапи и да ги извршуваа изречените глоби од Комисијата за прекршоци при Министерството за транспорт и врски, во спротивно нашата работа не дава никакви разултати, појасни Хусеини.

Согласно со Законот за превоз на патниот сообраќај,надлежноста за издавање на лиценци и сета потребна документација за такси превозот е на Советот на општините и градоначалниците. Секој превоз на патници почнува од некоја општина, завршува во некоја друга општина и на крај превозникот пак се враќа на местото од каде го почнува превозот, во матичнта општина. Според Законот, такси превозот е општинска надлежност и секоја општина има законска обврска да има овластени инспектори за патен сообраќај.

– Според нашите сознанија има преку 60 овластени општински инспектори. Тие имаат база на податоци со лиценцирани такси компани кои имаат право да извршуваат такси превоз. Ги гледат и другите кои не се лиценцирани и работат нелегално. Согласно законот ги имат истите надлежности како инспекторите на Државниот инспекторат за транспорт. Државните инспектори немат право да преземат мерки и санкции ако превозот се извршуваа во територијата на општината бидејќи тоа спаѓа под општинска надлежност, вели Хусеини.

Намалувањето на сивата економија е една од четирите приоритетни реформи што треба да обезбедат подобра бизнис-клима во Македонија, според оценката на компаниите опфатени со истражувањето за бизнис-климата во Македонија во 2018 година преку проектот „Партнерство за подобра бизнис-регулатива“.