Неле Карајлиќ со хитовите на „Забрањено пушење“ го отвара „Таксират“

Вечерва во 20 часот, во МКЦ концерт ќе одржи познатиот босански музичар, актер, писател и режисер др. Неле Карајлиќ. Концертот е по повод отварањето на фестивалот „Таксират“. Настанот се одржува токму на некогашниот југословенски празник Денот на републиката- 29 ноември, поради песната која Неле ја испеа со „Забрањено пушење“, „Дан републике“.

Д-р Неле во Скопје гостува по пауза од повеќе 20 години со своевидно „патување низ времето“ на кое го претставува „целокупниот Неле“ и оној од „Забрањено пушење“ и оној од бендот „No smoking orchestra“ и некои нови остварувања.

Во програмата за јубилејното издание, „Таксират“ во претстојните денови пред својата публика ќе претстави повеќе од 50 музички концерти, а во рамки на првиот од низата настани, на ПИН-конференцијата, Скопје ќе биде домаќин и на повеќе од 100 странски делегати, значајни имиња и експерти од европската музичка индустрија.

Почетокот на програма е токму со меѓународната ПИН-конференција, која по петтипат го претвора Скопје во центар за средба на професионалците од регионалната и европската музичка индустрија, а која годинава од денес до 1 декември ќе се одржува во Младинскиот културен центар.

Првиот ден на конференцијата е резервиран за македонскиот панел „Љубов ли е ова или панаѓур?“ посветен на најгорливите теми за културната сцена кај нас и со кој ќе имаме ретка можност за дебата помеѓу јавната администрација и граѓанскиот сектор од областа на културата.