Неколку земји веќе се понудија да организираат Евровизија, ако Украина не може

Украинците „Калуш“ во саботата со убедлива победа го земаа евровизискиот трофеј. Според правилата на Европската радиодифузна унија, победникот ја презема обврската за организирање на фестивалот следната година. 

Украинскиот претседател изрази верување дека до следната Евровизија, Украина ќе застане на нозе и ќе може да ја прими Европа во Мариопул. Но, овие нешта не можат да се предвидат волку рано. 

Предност при организирање на фестивалот, доколку победникот не е во можност, имаат земјите од „големата петорка“, но секој учесник може да понуди да помогне логистички, парично, или пак да ја преземе организацијата. Пример за тоа е правилото доколку Австралија победи, избира кој радиодифузер ќе ја води Евровизија, а тие го плаќаат настанот. 

Досега, за Евровизија 2023 се понудија Италија, кои беа домаќини на годинашниот фестивал. Организаторот од Холандија изјави дека се подготвени да помогнат ако има потреба, па дури и со локација. Полскиот радиодифузер исто така изрази подготвеност, но сепак предлогот мора да биде разгледан и од тамошните власти. Шведска уште пред да се прогласи победата ги контактирала организаторите од Украина. Оваа земја е една од најискусните во организирање на Евровизија. 

Шпанија исто така изрази желба да помогне. Исланд секоја година велат дека тие ќе организираат ако Австралија победи, но немаат јасен став дали би го направиле истото и за Украина. 

Оние кои категорично одбиле да организираат Евровизија во 2023 се Германија и Велика Британија.