Неколку денови по ред жителите на Општината Аеродром повторно се борат за воздух

Ново Лисиче и Лисиче смрдат на чад и на изгорено, а градоначалникот Златко Марин вели дека се работи за мали пожари во кои гореле грмушки, пишува Независен

Неколку денови по ред, особено во вечерните часови, жителите на Општината Аеродром, особено на овие две населби, повторно се борат за воздух.

Почетокот на грејната сезона и првите пониски температури за овие граѓани се потсетување дека загадувањето на воздухот е на прагот. Лоши миризби на чад и на изгорено, поради кои ниту можат да се движат на отворено ниту, пак, дома да отворат прозорец, повторно им се секојдневие.

Градоначалникот Марин вчера информираше дека општинските инспектори за животна средина излегле на терен и констатирале дека во два пожари гореле грмушки. Тој истакна дека грижата за животната средина и борбата за почист воздух се негови лични заложби и приоритети во работењето како градоначалник. Заради тоа, во буџетот за годинава биле предвидени 300.000 евра, или 20 пати повеќе од претходно.