Една железничка станица во Британија добила нов изглед благодарение на луѓето кои наместо да ја гледаат како место низ кое само се поминува, решиле да ја претворат во зелен и пријатен простори за целата заедница.

Секоја година во Британија се реализираат околу 1,8 милијарди патувања со воз, што значи дека милиони луѓе секојдневно поминуваат низ железнички станици. Дел од нив веќе не се само места за чекање воз, туку и мали јавни градини создадени и одржувани од локалните жители.
Овој позитивен тренд годинава го препозна и Royal Horticultural Society (RHS), која го додели првото признание во новата категорија „Railway Stations in Bloom“, наменета за железнички станици кои преку хортикултурата придонесуваат за својата заедница. Првата награда му припадна на Cardross Community Organic Garden во Шкотска, чијашто работа целосно го промени изгледот на железничката станица во Каррос. Она што некогаш биле обични и сиви простори денес е зелена оаза исполнета со цвеќиња, овошје и зеленчук.

На станицата се поставени подигнати цветни и зеленчукови леи, а особено внимание привлекува и мал воз направен од стари буриња за виски. Наместо да завршат како отпад, тие добиле нов живот како дел од градината и станале препознатлив детаљ на станицата.
Зад целата иницијатива стојат локални волонтери, кои со своето време, работа и знаење создале простор кој не им служи само на патниците, туку и на целата заедница.
Од RHS велат дека градината е „длабоко вкоренета во локалната заедница“ и го одразува нејзиниот карактер и идентитет. Организаторите особено ја истакнале улогата на волонтерите во создавањето чувство на локална гордост и претставувањето на уникатноста на местото.
Приказната од Каррос покажува дека за разубавување на еден јавен простор не се потребни секогаш големи инвестиции и грандиозни проекти. Понекогаш се потребни луѓе кои ќе одлучат да засадат цвеќе, да направат градина и да се грижат за неа.