Нека не те лажат дека ако си против промена на името си прост и неписмен!

„Мојот син нема да расте во безимена држава, каде татко му бил жив и здрав и со прст не мрднал да си го одбрани основното човечко достоинство.“ – Методија Андонов Ченто

Деновиве медиумите постојано пишуваат за можните решенија за спорот со името со Грција, а имавме можност и да го слушнеме премиерот Зоран Заев како на прес-конференција изјави дека пронашле опција која е прифатлива за двете страни.

Која е таа опција? Кое е тоа решение?

Затоа што последниве неколку месеци слушавме дека за Грција прифатливо решение е „ерга омнес“ и менување на Уставот.

Кој е нашиот став? Постојано слушаме клише фрази и празни флоскули, а не слушнавме ниту еден јасно изразен став.

До кога вака? Кога ќе се вратиме назад во реалноста?

Дали ќе бидеме единствената држава на планетава Земја која доброволно го самоукинала својот јазик и идентитет во рамките на сопствената држава?

Вечните експерти на секоја тема со сета своја снобовска надменост пробуваат да протнат теории за тоа дека сите кои се против промена на името се неписмени, „небањати“, нацисти (иако очигледно поим немаат што значи терминот нацизам и нацист) и националисти.

А јас само сакам да одговорат на прашањето: Што има неписмено и нацистичко во правото да се нарекуваме онака како што се чувствуваме? И притоа тоа на ниту еден начин не го загрозува нашиот сосед.

Прашањето за тоа дали да се викаме Горномакедониџа не е прашање на фашизам, нацизам или кои и да било други глупоштини кои се обидуваат да ни ги протнат, туку прашање на здрав разум и рационалност.

Горномакедониџа (и сличните варијации) е навреда за здравиот разум, обид целосно да бидеме омаловажени и понижени и тоа нема никаква поврзаност со национализам (барем не од наша страна).

Со прифаќањето на секое барање на Грција не покажуваме колку сме прогресивни. Напротив.

А оние кои ги оправдуваат сите барања на Грција не се послободоумни, поавангардни и попрогресивни од другите, туку се само една тажна и кутра глетка и луѓе кои во обидот форсирано да се прикажуваат како кул и различни од останатите се преобразија во папагали (слично како Грегор Самса кој се преобрази во инсект) кои го повторуваат само тоа што им е кажано или она што некој им го напишал, без воопшто да размислат за она што го зборуваат.

И секако, веќе подолг временски период кружи една ужасно патетична пропаганда, пред сѐ насочена кон младите луѓе кои не се толку упатени во работите, пропаганда која се труди да го наметне ставот дека ако си против промена на името ти си заостанат, некул, нелиберален, не си во тек со светот, не си образован, не си паметен, дека си за оваа или онаа партија и дека си „патриот“ (секогаш ставено во наводници и користено со подбив). Се создава атмосфера во која на човек треба да му е срам да каже дека е против промена на името и ова уште пожестоко ќе се наметнува во периодот којшто следува.

И што останува?

Останува да се водиме според зборовите на Методија Андонов – Ченто: „Мојот син нема да расте во безимена држава, каде татко му бил жив и здрав и со прст не мрднал да си го одбрани основното човечко достоинство.“

Затоа што за Република Македонија се бореле нашите дедовци, баби, татковци и мајки, нашите претци – секој на свој начин. Некој со пушка, некој со зборови, некој со грижа и љубов (да, да, љубовта е средство, о, вие снобови).

Колку и тоа апстрактно и далечно да ви звучи, луѓе навистина умирале за ние денес да се викаме Македонија, да зборуваме и пишуваме на македонски јазик и да се изјаснуваме како Македонци. Но, тие се бореле против различни окупатори кои сакале да нѐ асимилираат.

А денес? Денес самите се бориме против себе. Самите на себе сме си најголем непријател. Самите ќе се укинеме. Со пенкало. Со пенкало нели се сруши режим, еве со пенкало ќе се руши и ќе се укине човековото право на самопределување, ќе станеме безимена држава, држава без никакво достоинство, држава која очигледно не е ништо повеќе освен чергиче за бришење чевли, без никакви граници за тоа до каде може некој да нѐ омаловажува и понижува.

Што можеме да направиме? Да го кренеме нашиот глас, да не дозволиме нашите идни деца да живеат во Горномакедониџанска држава, држава во која нивните мајки и татковци биле живи и здрави и со прст не мрднале да си го одбранат основното човечко достоинство.

Ченто си стоел на својот збор и покрај тоа што скапо го платил тоа.

Да застанеме и ние, затоа што само тоа ни останува.

Човек е жив сѐ додека се бори, во спротивно не е ништо повеќе од зомби кое само чисто постои, а не живее.

Нека не ве лажат дека е простачки да си патриот и дека тоа значи дека си полн со омраза.

Нека не ве лажат дека не е прогресивно и дека е фашистичко.

Тоа го велат затоа што мораат некако да ги протнат овие идиоштини, а дел од нив не ни знаат што значи, ама како папагали го повторуваат тоа, додека на другите им кажуваат дека се неписмени (о, иронијо!).

Ако не сакаш да ти се промени името не значи дека ги мразиш другите, не значи дека си полн со омраза и дека си прост и неписмен. Само сакаш да ти се почитуваат основните човекови права загарантирани со милион конвенции и декларации.

Со тоа што дозволуваме понижувања од типот Горномакедониџа (па уште и ерга омнес, па, па, па), плукаме на жртвите и изгубените животи на оние кои се бореле за идеа, за слобода, за човекови права.

Да не го дозволиме тоа!

М.А.