
Денеска е забележан нов раст на цените на нафтата, откако неизвесноста околу повторното отворање на Ормускиот Теснец повторно ги зголеми стравувањата за нарушувања во глобалното снабдување со енергенси.
Според податоците што ги пренесува Ројтерс, цената на северноморската нафта „Брент“ се зголемила за околу 0,6 отсто, достигнувајќи 84,04 долари за барел. Американската WTI, пак, поскапела за околу 0,5 отсто, на 78,56 долари за барел.
Главната причина за новиот притисок врз пазарот е неизвесноста околу договорот со кој би се овозможило повторно воспоставување на поморскиот сообраќај низ Ормускиот Теснец, еден од најзначајните енергетски коридори во светот.
Иран сигнализира дека разговорите со Оман за воспоставување нови пловни коридори низ теснецот се во завршна фаза. Сепак, Техеран предупредува дека евентуалниот договор со Оман нема автоматски да значи целосно отворање на поморскиот коридор.
Исто така, официјален Техеран поставува дополнителни услови, меѓу кои бара компензација за воените напади, укинување на санкциите и одмрзнување на иранските средства.
Токму овие барања ја зголемуваат неизвесноста на пазарите, бидејќи постои страв дека дипломатските преговори би можеле да се одолговлечат. Според Ројтерс, сообраќајот на танкери низ теснецот и натаму е ограничен, додека вниманието на инвеститорите е насочено кон дипломатските напори меѓу Иран, Оман и САД.