Неизвесна иднината на Ќосето

За судбината на Андон Јанев Ќосето ќе се решава во судница. Здружението за духовно обединување на Сетинци Попадинци и Крушоради го нарачало, но не го исплатило на претпријатието Рудници и Железарница, кое го лиело спомен-обележјето.

И не само Ќосето, Здружението од Лерин не исплатило и уште четири споменици кои како донација ги доби Град Скопје. На 25 април во граѓанскиот суд почнува постапката, за која е информиран и градоначалникот Петре Шилегов.

„Пратен е допис на адресата која била оставена во моментот кога биле донирани спомениците и немаме добиено никаков одговор.“ - изјави Петре Шилегов за дописот.

Во меѓувреме во општина Сопиште се разгледува можноста за ново гласање, дали споменикот на Ќосето да биде поставен на кружниот тек кон Сончев град. Претседавачот Мицевски за тв 24 вели дека се бара начин да се расчисти ситуацијата од сомнеж, откако советникот од Алијансата по вчерашното гласање демантираше оти кренал рака „за“и неговиот глас бил пресуден да биде усвоена одлуката.

„Се разгледува можноста за ново прегласување, доколку тоа го дозволи деловникот. Ако евентуално се најде начин да се поништи претходната одлука тогаш за споменикот на Ќосето би се гласало на следната седница која би се одржала кон средината на март.“ - вели Јане Мицевски.

Но, градоначалникот Шилегов вели дека не зависи од општината дали ќе го добијат споменикот на контроверзниот историски лик.

„Општината Сопиште може да си носи автономни одлуки.“ - вели Шилегов.

По гласањето во Сопиште, Алијансата за албанците се дистанцираше од нејзиниот советник. Од таму велат, во тек е постапка за негово исклучување од партијата.

„Ја информирама јавноста дека во наредните денови дисциплинската комисија при Алијансата за Албанците ќе дискутира за евентуален отказ на посочениот советник од Алијансата“ - велат од Алијанса за Албанците

Споменикот на Ќосето го бара истоименото велешко здружение и Здружението на воени ветерани од 2001. Тие поднеле иницијативи до Здружението од Лерин, Ќосето со кои го бараат споменикот да биде поставен во Велес, родниот град на контроверзниот историски лик. Но, до сега претседателот на здружението Ташко Јованов не одговори што и како ќе одлучува за споменикот кој речиси една недела е во магацинот на Металскиот завод Тито.