Неизгласувањето на целосно функционална техничката влада ќе го загрози изборниот процес и ќе не врати во едни минати времиња

Во 2016-та година по долги, мачни преговори и со притисок од Европската унија беше изгласаната “Пржинската“ или техничка влада која имаше за цел спроведување на фер и кредибилни избори. На овие избори за прв пат после два изборни циклуси се навестува дека целиот овој процес ќе пропадне.

Од јавните излагања и на позицијата и на опозицијата деновиве се повеќе се добива впечаток дека ќе имаме некој вид на квази техничка влада без министри од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Целата оваа работа започна уште пред неколку месеци кога од ВМРО-ДПМНЕ излегоа со предлог да се укине техничката влада. Но од СДСМ одбија се со цел да му угодат на нивниот коалиционен партнер ДУИ и да не го нарушат нивниот договор дека во последните 100 дена на позицијата премиер на Македонија ќе застане албанец. Откако се дозна дека ДУИ ќе го кандидира Талат Џафери да биде техничкиот премиер, од ВМРО-ДПМНЕ најпрво изјавија дека ќе размислат дали ќе учествуваат во влада која ќе ја предводи Џафери за после да излезат со став дека ќе бидаат дел од таа Влада но Џафери нема да го гласаат.

И кога се чинеше дека се ќе заврши тука премиерот Ковачевски кој во последниот период инсистираше токму ВМРО-ДПМНЕ да биде дел од таа техничка влада поради законот кој ги обврзува, вчера излезе со став дека нема да ги гласаат кадрите на ВМРО-ДПМНЕ се додека таа партија не го гласа Џафери како легитимен технички премиер. Тој притоа кажа дека местата кои се предвидени за кадрите на ВМРО-ДПМНЕ, а кои опфаќаат клучни министерства ќе останат празни.

Од ВМРО-ДПМНЕ на ова возвратија дека нема теоретски шанси да го гласаат Џафери па дури и дополнија дека доколку влезат во Владата нема да одат ниту на владините седници со кои ќе претседава Џафери. Оттука е многу нејасно како би функционирала оваа влада според замислата на Ковачевски со празни места. Таква ситуација не познава ниту еден закон во Македонија каде министерските места би останале да бидат празни. Од целата оваа работа на крај излегува дека СДСМ и ДУИ само ќе си заменат местата, а премиерското место ќе му биде дадено на ДУИ како дел од коалицискиот договор што тогаш го направија Заев и Ахмети.

Но ваквиот расплет на настаните може да донесе повторно политичка криза со несогледливи последици како и недоверба кон целиот изборен процес па дури и евентуално нивно оспорување. Каков ќе биде развојот на настаните останува да видиме со оглед дека веќе нареднава недела Ковачевски треба да си поднесе оставка, а техничката влада да биде избрана во Собранието. Неспорно е дека СДСМ, ДУИ и нивните коалициони партнери ќе ја изберат техничката влада со гласовите што ги имаат во Собранието но каков кредибилитет би ималата таа влада е тоа е веќе друго прашање.