Неисправни лифтови, влезови без струја: Неодговорното однесување - потенцијална закана за сите

-Пред два месеци, симнувајќи се од 5-ти кат со светилка во рак се лизнав и ја скршив ногата.Оваа несреќа е втора по ред во нашава зграда, бидејќи немаме струја скоро година дена.Постојано се лепат списоци со должници кои не ги платиле сметките, но никако да се разбуди свеста кај нив дека и тие се дел од оваа зграда живеаат на 3-ти, 4-ти...кат и се качуваат со светилки до својот дом, вели Марија од Кисела Вода.

Во повеќето колективни згради за домување, луѓето не ги искоренуваат навиките па дури и самоволното однесување кои не само што се спротивни на поставените правила туку предизвикуваат и меѓусоседски кавги.

-Комшиите кои реновираат од погорните катови знаат сметот од купатилото или рамките од старите врати и прозорци да ги остават кај пералната.Пред извесно време едно од дечињата од зградата обидувајќи се да си го извади велосипедот кој му бил ставен во пералната, се исекол од парчињата стакло кои биле оставени од старите прозорци на еден од комшиите кој неодамна реновираше, вели Јасмина од Ново Лисиче.

Низ прозорците, вратите, балконите терасите и лоѓиите не треба да се фрлаат било какви предмети, отпадоци, вода и слично. На балконите не треба ниту да се тресат предмети кои ќе паѓаат кај подолните соседи, пишува во Правилникот за домување.

-Станарите од пред три месеци на куќниот совет апелираа дека има гранка точно над самиот влез пред зградата која е голема, трула и виси на дрвото. На оваа место често се паркираат соседите, но исто така овде има патека низ која секојдневно поминуваат ученици, бидејќи во близина се наоѓа училиштето.Кога дуваше силен ветер и врнеше дожд, гранката падна и направи штета на еден од паркираните автомобили, вели Ѓорги од Автокоманда.

Пред два дена падот од 2,5 метри височина бил кобен за 14 месечното дете.Соседите и станарите од зградата на Архиепископ Доситеј беа во шок од оваа трагедија.Велат детето било на гости кај бабата и дедото.

Трагедијата се случила кога бабата со внуката се симнувала пешки од седми кат бидејќи лифтот не работел. Според кажувањата на соседите, детето на еден од меѓукатовите се отпуштило од раката на бабата и преку скршениот прозорец паднало пред влезот.

Она што ги загрижува соседите покрај другите околности е безбедноста во смата зграда. Според изјавите на станарите лифтот не работел веќе неколку месеци, а прозорците меѓукатовите се искршени. Зошто лифтот во зградата не работи неколку месеци и зошто да има искршени стакла кои се потенцијална закана за сите? Станарите велат дека дел од нив не сакаат да плаќаат и затоа живеат во опасност.

Од Регулаторната комисија за домување велат одговорноста е кај Лиценцираниот управител или Заедницата на станари.

Не се мал број на случаите во кои дел од станарите одбиваат да ги платат сметките  за заедничко домување.Во дел од овие згради како во случајот со објектот во Чаир, може во опасност да биде доведена и безбедноста на станарите. Единствен начин да се наплатат потребните пари за одржување на зградата е преку изврштител.