Неисчистените оџаци го загадуваат воздухот до 15 отсто

Чистење куќен оџак чини колку третина кубен метар огревно дрво, а треба да се практикува два пати во текот на грејната сезона.

Чадот што излегува од куќните оџаци кои не се исчистени подолг период, може да придонесе во загадувањето на воздухот со 10 до 15 отсто. Токму затоа оџачарите велат дека е оправдана препораката на градските власти за чисти оџаци, бидејќи многу мал број скопјани го практикуваат чистењето на куќните оџаци.

Граѓаните немаат таква навика и покрај тоа што цената за едно чистење оџак е помалку од половина кубен метар огревно дрво, односно најмногу до 1.500 денари.

Експертите тврдат дека во текот на зимскиот период куќните оџаци треба да се чистат дури два пати и еднаш штом ќе се заврши со греење, за оџакот да биде подготвен за наредната грејна сезона. Редовното чистење на оџаците е обврска и според правилник што Дирекцијата за заштита и спасување го донела во 2000 година. Но, оџачарите тврдат дека освен граѓаните, недисциплинирани се и фирмите и не се придржуваат кон обврската.