Неисчистените оџаци главна причина за пожари во зимските месеци

Неисчистените оџаци често знаат да доведат до пожари кои во голем број случаи завршуваат со високи материјални штети. Ова го покажуваат и бројките на противпожарните единици. Во изминатите девет месеци од околу 390 интервенции колку што ги имале струмичките пожарникари, преку 60 биле на запалени оџаци. Според пожарникарите најчеста причина поради која доаѓа до опожарување на оџаците се мокрите дрва кои се горат, но и различен  отпад кој наместо на местата предвидени за тоа завршува како огрев.

,,Најголем причинител за запалување на еден оџак е горењето на мокри дрва, горење на пластични материи, материјали и друго од кои се создаваат така наречени саги и при висока температура на оџакот доаѓа до само запалување.,, вели Александар Гудев - командир на ТППЕ - Струмица.

,,Граѓаните, но и правните лица освен што не смеат да користат пластика и отпад како огревно средство тие имаат и законска обврска за чистење на оџаците,, Сите објекти кои што имаат димоводни канали се должи најмалку еднаш годишно да извршат чистење, дали пред или после завршување на грејната сезона, а по потреба и повеќе од еднаш. Има санкции, тоа се парични глоби, меѓутоа може да се поднесат и кривични пријави заради загрозување на животот и здравјето на луѓето и загрозување на останатите објекти.,, вели Митко Димчев - инспектор во ДЗС.

Казните за неисчистените оџаци се движат од 500 евра за физичките па се до 2500 евра во денарска против вредност за правните лица. Токму затоа од противпожарната единица, но и дирекцијата за заштита и спасување апелираат до граѓаните да го искористат сувиот период и на време да ја завршат оваа обврска пред се од безбедносен аспект, но и на не дојдат во ситуација да се соочат со парични санкции.