Недостаток на комуникација - најчест убиец на љубовта во модерните врски

Молчењето не е љубов. Тоа е бавно умирање на врската.

Photo by Photo By: Kaboompics.com

Во многу врски, љубовта не исчезнува одеднаш. Таа се повлекува тивко, чекор по чекор, секој пат кога нешто се премолчи. Не се распаѓаат сите односи со расправии или предавства, повеќето се распаѓаат во тишина. Во тишина полна со неизговорени мисли, со проголтани емоции, со прашања што никогаш не добиле одговор. И кога двајца луѓе престануваат да зборуваат, тие не се само тивки, тие почнуваат да стануваат странци.

Постојат луѓе што навистина веруваат дека е подобро да не се зборува. Дека „ќе помине само од себе“, дека „нема потреба да правиме проблем од ништо“, дека „љубовта треба да се чувствува, а не да се анализира“. Но вистината е дека љубовта не е телепатија. Таа се гради со зборови, со допири што носат значење, со реченици полни со несигурност, но и со намера. Љубовта не може да опстане ако комуникацијата е повремена, скршена или површна. Без комуникација, се губи довербата, се губи блискоста, а без нив, љубовта станува само навика.

На Балканот, постои длабоко вкоренет став дека мажите не треба да зборуваат за чувства. Од мали се учат да бидат „јаки“, да не покажуваат болка, да не се „разнежнуваат“. Тоа ги носи во зрелоста со идеја дека мочењето е нешто што покажува сила и зрелост, а емоционалната изразеност е срам. И така, во многу врски, гледаме како жените се обидуваат да се приближат, а мажите се повлекуваат. Не затоа што не сакаат, туку затоа што не знаат како. Никој не ги учи мажите дека зборувањето е сила, не слабост.

Вистинската интимност не се гради само со физичка близина. Таа се гради кога има простор за емоции, и радосни и тешки. Кога можеме да кажеме: „Ме боли“, „Не знам што да направам“, „Се чувствувам далечно од тебе“, но и да знаеме дека нема да бидеме отфрлени. Љубовта бара храброст. А најголемата храброст денес е да се зборува, искрено, треперливо, без фасада. Да се биде таму, со сето свое несовршенство, и да се покаже: „Ова сум јас. Сакам да бидам блиску.“

Во време кога сите некаде брзаат, кога врските често се менуваат како годишни времиња, токму отворената комуникација е тоа што прави разлика. Не совршената комуникација, туку присутната. Онаа каде се зборува дури и кога е непријатно, онаа каде се слуша дури и кога не се согласуваме. Ако сакаме врски што траат, мора да градиме навика да зборуваме, не кога ќе биде предоцна, туку додека сè уште има љубов што може да се спаси.

Нема совршен рецепт за љубов. Но едно знаеме: ќутењето не е патот. Љубовта бара да се изговори, да се објасни, да се чуе. Да се биде таму — не само со телото, туку и со срцето, со зборот, со изборот секој ден да се биде во контакт. Само така, љубовта преживува. Не во совршенството, туку во напорот да се остане поврзан.