Недела во септември: Во секој двор се прави ајвар, мириса на печен пипер

Септември, месец кога се прави зимница. Дел од домаќинките веќе ја направија, а дел се со последни подготовки. 

Недела во септември. Секоја иста. Во секој двор поставен шпорет на кој се печат пиперки, или веќе се прави ајварот. Миризба која се шири, миризба која привлекува. Ајвар, лутеница, пинџур, малиџано, задолжителни за зимата која што доаѓа. 

-При крај сме со зимницата. Минатата недела направив лутеница, еве сега ајварот е на ред. Вчера го испековме пиперот и го излупивме, денеска ќе го правиме ајварот. Не велам дека е лесно, но сепак задоволство ми е да си направам. Зимницата од маркетите ни приближно не е иста како оваа домашна. Маката на крај се заборава, кога ќе почнеш да јадеш. Никогаш не сум купувала. Ниту мојата мајка, ниту свекрва ми купуваше. Се научив од нив, и еве денеска јас сум си домаќинката која спрема за моето семејство, раскажува Лиле од Ѓорче. 

Ајварот е една од најголемите опсесии на македонското домаќинство. Денот, кога во една куќа се прави ајвар, е празник.  Едни печат пипер, други го лупат. Целото семејство, соседите сите се ангажирани.

Со правењето на ајварот, се знае, се почнува рано наутро. Се разбира, откако вечерта претходно се направени сите подготовки. Сабајлето се редат ќумбенцата, се печат пиперките, а потоа, до доцна во ноќта, добро запотени во најлонските кеси, се лупат. Некои ги оставаат да се цедат преку ноќ па потоа ги мелат, а некои, пак, ги мелат уште истиот ден. На крајот, ајварот се пржи. Акцијата во семејствата заразени од ајварскиот вирус трае од средината на септември па таму некаде до првите мразеви. 

Сепак, мора да се признае дека ниту еден ајвар не е толку сладок како оној за кој убаво ќе се измачите и ќе си го подготвите заедно со своето семејство. Конечно, подготовката на ајварот е составен дел на македонската семејна традиција, а и факт е дека дури и кога се прави по ист рецепт, ајварот во секоја куќа има различен вкус. Колку што е конечниот вкус на ајварот резултат на малите тајни на семејниот рецепт кој се пренесува од колено на колено, од мајка на ќерка, од баба на внука, толку е и резултат од вештината и искуството на домаќинката. 

Правење ајвар е мачна работа, но знае да биде и навистина добра забава и можност да се видите со најблиските и со нив да поминете квалитетно време, а богами и квантитетно време.