Недела на словачки филм во Кинотеката на Македонија

Амбасадата на Словачка организира Недела на словачкиот филм од денеска до 14 декември во Кинотеката на Македонија, по повод завршувањето на претседателството на Република Словачка со Советот на Европската унија.

Филмскиот циклус посветен на словачката кинематографија ќе почне вечер од 20 часот со проекција на филмот „Боксерот и смртта“ од 1963 година, во режија на Петер Солан, кој репризно ќе биде прикажан  утре од 17 часот.

„Боксерот и смртта“ раскажува за затвореник во нацистички логор кој чека егзекуција, но е поштеден кога командантот, поранешен боксерски шампион, открива дека затвореникот е боксер аматер. Командантот му дава шанса на затвореникот и тој станува негов спаринг партнер.

Филмот се базира на животот на полскиот боксер Тадеуш Теди Пјетриковски и на новелата на Јозеф Хен. Во 1989 година направен е  холивудски римејк на овој филм насловен „Победата на духот“.

Во рамки на филмската недела ќе бидат прикажани уште четири филма: „Сонце во мрежа“ во режија на Штефан Ухер од 1962; „Птици, сираци и будали“ на Јурај Јакубишко од 1969; „Пат преку Дунав“ на режисерот Милослав Лутер од 1989  и „Јас љубам, ти љубиш“ во режија на Душан Ханак снимен во 1989 година, кој е добитник на „Сребрена мечка“ на фестивалот во Берлин.

– Циклусот е составен од пет словачки филмски класици, меѓу кои и филмови кои не биле по мерка на власта и биле забранувани. Ова е одлична можност македонската публика да ги продлабочи знаењата за историјата и кинематографијата на Словачка, откако претходно, во 2014 година, Кинотеката со поддршка на Словачката амбасада прикажа еден обемен циклус современи словачки филмови, соопшти Кинотеката на Македонија.