Недела на косовски филмови во Кинотека: Лузните од војната во 1999, социјалните проблеми и судирот на генерациите

Неделата на косовскиот филм со проекции на остварувања од најновата продукција на косовската кинематографија ќе се одржи од 19 до 23 декември во Кинотека на Македонија. Лузните од војната на Косово во 1999, социјалните проблеми, емиграцијата и судирот на генерациите се главните теми во филмовите од Неделата на косовскиот филм, ќе посочи селекторот Стојан Синадинов, а во листата на филмови, која опфаќа неколку наслови, е неизбежна и интернационалната и македонската врска.

Притоа, во рамки на Неделата на косовски филм од 20 часот на 19 декември ќе се прикаже потресната приказна за односот татко-син “Татко“ на Висар Морина, германско-косовско-македонско-француска копродукција (каде што македонски копродуцент е Томи Салковски), а на 20 декември филмот “Херојот“ на Луан Криезиу, кој го следи бавното пропаѓање на вистинскиот “херој“ и во кој поголемиот дел од екипата што стои зад камерата и звукот е составена од македонски филмски професионалци. Следува остварувањето “Три прозорци и едно бесење“ на Иса Ќосја (на 21 декември) каде исто така Македонци се на креативните позиции, а филмот е потресна драма за силувани Албанки на Косово.

На 22 декември, публиката ќе може да го проследи “Непожелни“ на Едон Ризваноли (20 часот), додека на 23 декември се косовско-македонска копродукција “Доме слатки доме“ на Фатон Бајрактари ( 19 часот) и “Ехо“ на Дрен Жерка (21 часот), филмови кои ја третираат економската емиграција и судирот на модерното со конзервативната средина.