Недела на албански филм од 21 до 26 октомври во Кинотека

 Од 21 до 26 октомври во Кинотеката ќе се одржи Недела на албански филм. На петдневната манифестација, реализирана од Кинотеката и Националниот филмски центар на Албанија ќе бидат прикажани по пет долгометражни и кратметражни играни филмови од поновата продукција.

На отворањето на Неделата на албански филм ќе бидат присутни директорот на Националниот филмски центар на Албанија, Едуарт Макри и амбасадорот на Република Албанија во Скопје, Фатос Река.

Неделата на албански филм почнува со „Моето езеро“ на Ѓерѓ Џувани, еден од најпознатите и најуспешни албански филмски автори во овој век, кој почина пред две години. Џувани режираше девет долгометражни играни филмови, од кои на македонската публика можеби најпознати наслови и се „Пароли“ и „Исток, запад, исток: Финален спринт“ – делумно сниман и во нашата држава, прикажувани на Скопскиот филмски фестивал. „Моето езеро“ има алтернативен наслов „Мојот филм“, во кој Џувани ја отсликува тридецениската приказна од „темната страна“ на албанското општетсво – трговија со дрога, насилство меѓу младите – која се повторува и повторува..

Следува „Зората“ на Гентиан Кочи, дебитанско долгометражно играно остварување на овој млад режисер, кој е автор на неколку кратки и документарни филмови. Филмот е социјална драма за нужното снаоѓање во борбата за егзистенција на една млада самохранамајка.

„Аманет“ е уште едно дебитантско долгометражно остварување, потпишано од Намик Ајази, со приказна од светот на шпионите во албанската државна безбедност и желбата да се раскаже вистината во таа „игра на искривени огладала“.

„Засолниште меѓу облаците“ е втор игран филм на Роберт Будина, сестран филмаџија кој се занимава и со филмска продукција и режија, но е присутен и во театарот. Приказната на „Засолниште меѓу облаците“ се одвива во милјето на едно мало планинско село во кое муслиманите и христијаните живеле во слога со векови. Главниот јунак, осамениот овчар Бесник е од мешан брак, па драстичните промени во општеството мора да го најде сопствениот пат во животот.

„Делегацијата“ е уште еден успешен дебитантски наслов во албанската кинематографија, потпишан од Бујар Алимани, кој важи за еден од најталентираните млади автори. Неговата приказна се одвива во зората на политичко-општествените промени во Албанија на почетокот на деведесеттите години, по падот на комунизмот, и желбата за рехабилитација на политичките затвореници.

Од Кинотеката информираат дека на Неделата на албански филм ќе може да се проследат и кратки филмови на уште четири млади надежи на албанската кинематографија – Сокол Керај, Бенарт Лазе, Фабио Сефери и Раин Никола.