Недела – ден за нашите слатки мали задоволства

Викендот е особено убав период за сите нас кои не мораме да одиме на работа овие 2 дена.

Саботата можеби ја користиме за да ги завршиме сите преостанати, а важни обврски. Но, неделата е некако посебна. Таа е ден за вкусен ручек со семејството, за турско кафе во двор или на тераса, за планови за следната недела.

Живееме брз живот, постојано некаде брзаме, само се натпреваруваме. Некогаш со себеси, некогаш со другите, а често и со времето, но никако да победиме. Можеме само да сфатиме дека животот брзо поминува, а дека низ сета таа турканица мораме да најдеме и миг да здивнеме.

Миг само за себе, за да ги смириме своите мисли, да се прашаме себеси дали сме добро, да си дадеме одговор дека можеме. Тоа е убав ден за одмор, ден за нас.  

Недела е ден за среќа -   за мирисот и вкусот на свежо приготвеното кафе, за кифличките во рерна, за мирисот на тревата во нашиот двор, за птиците во паркот до нас. Ова е ден за поезија, за мирис на свежо испрана постелнина, за прегратки, за појадок во кревет и какао пред спиење. 

Недела е ден за нас, за она што го сакаме, за мирот на кој често забораваме, на најслатките мали задоволства.