Нечистотија и негостопримство- прв впечаток од одморот во Албанија

Ви го пренесуваме искуството на едно семејство од нивниот овогодишен одмор во соседна Албанија. 

-Отпад на сите страни, канти „ни за лек“ и недоволна гостопримливост – ова беше мојот прв впечаток од Албанија која летово ја посетив за прв пат.

Патот е долг и напоред, без оглед дали патувате со автомобил или автобус. И додека патувате несомнено ќе ги забележите отпадот покрај патиштата и, на места, малите депонии.

Поради евтините цени, Албанија, несомнено оваа летна сезона е избор за голем број туристи.

Има се што барате кога станува збор за летен одмор: песочни плажи, евтини лежалки, евтина храна и пијалаци, забава за деца и млади, снабдени маркети...но само доколку не ви пречи грдата глетка на расфрлан отпад на сите страни и недоволната љубезност на домаќините.

Да, има премногу туристи, голем дел од нив очигледно одмараат и од културата и еколошката свест, но каде се надлежните комунални служби да го собираат отпадот кој ве дочекува на секој чекор. Единствено чисти се приватните плажи и тоа до пладне, потоа речиси секој посетител го остава ѓубрето околу лежалките. Невозможно е да биде чисто кога во одморалиштето каде бевме сместени имаше неколку канти за отпад, а премногу луѓе сместени. На шеталиштето единствено немаше многу отпад.

Друг момент е што некако персоналот во кафулињата, баровите и рестораните, па дури и вработените на рецепција како да не беа доволно љубезни. Не се обидуваа да воспоставиме контакт на англиски, си продолжуваат на албански, притоа како да беа лути што не ги разбираме на албански.

За жал, шетајќи по брегот видовме и една неубава глетка. Канализациски отпад од реон во кој се гради се слеваше директно во морето, законски или не, воопшто не можеме да знаеме.

Како и да е, Албанија нуди повеќе туристички места. Можеби на другите не е вака!

Какво искуство имате вие со летување во Албанија?