Кога во мај 1998 година Владо Јаневски се појави на сцената во Бирмингем со песната „Не зори зоро“, тоа не беше вообичаен евровизиски настап.

Тој момент беше „кршење на мразот“ и означи историски момент – Македонија за првпат како самостојна држава имаше свој официјален претставник на Изборот за песна на Евровизија.
Композицијата, чија музика и текст ги потпиша самиот Владо Јаневски, беше избрана да ја претставува земјата на 43. издание на натпреварот. Настапот се одржа на 9 мај 1998 година во Бирмингем, Велика Британија, пред милионска телевизиска публика ширум Европа.
Иако песната го освои 19. место во конкуренција на 25 земји, таа остана како една од најубавите евровизиски песни со кои нашата држава се претстави пред Европа. „Не зори зоро“ остана запаметена како композицијата што го означи почетокот на македонската евровизиска историја и како еден од најпрепознатливите домашни музички записи од доцните деведесетти години.
Песната носи препознатлив лирски печат на Владо Јаневски – меланхолична приказна за љубовта, разделбата и желбата времето да застане барем уште малку. Искреноста, моќните стихови комбинирани со неговата препознатлива интерпретација, направи „Не зори зоро“ да остане актуелна и речиси три децении подоцна.
Со текот на годините, Владо Јаневски создаде десетици хитови кои станаа дел од македонската музичка антологија. Сепак, „Не зори зоро“ секогаш ќе има посебно место – не само како успешна композиција, туку како песна што засекогаш ќе се поврзува со моментот кога македонскиот јазик и македонската музика за првпат добија свое место на најголемата европска музичка сцена.
По неговото заминување, „Не зори зоро“ останува многу повеќе од евровизиска песна. Таа е дел од музичкото наследство што Владо Јаневски го остави зад себе и потсетник на уметникот кој испиша едно од најважните поглавја во современата македонска музичка историја.