Не знам колку пати жива те преплакав за овие шест години - Активистката Тина Мицковска со емотивен пост за слоницата Дуња

Тина Мицковска, познатата вљубеничка во животните и активистка, која извесен период работеше како портпарол на скопската Зоолошка градина, се огласи по повод смртта на слоницата Дуња

- Уште во 2018 година кога првпат се запознавме се спремав психички за овој ден бидејќи уште тогаш кажаа дека годините ти се броени, но за жал никогаш не се подготвив да те испратам, а и не успеав затоа што не сум во Скопје, емотивно ја почна објавата Мицковска со зборови упатени кон ова препознатливо за Зоолошката градина животно. 

- Ќе речат старост, години колку човечки 100, но љубовта што ти ни ја даваше секојдневно е ненадоместлива... Ќе им фалиш најмногу на Боки и Виктор кои за тебе се грижеа секојдневно, а и на сите нас на кои ни беше омилена. Сите те разгалувавме бидејќи беше најстара жителка заедно со баба Мими шимпанзото, сите внимаваа да имаш комфорт, мир и спокој со оглед на мачниот живот што го имаше во минатото. Од бебе окована во синџири, принудена на циркуски точки и злоупотребувана за забава на циркуска публика, со живот поминат во вагон и патувања во студени краишта како Шведска, Германија, Норвешка заедно со твојата неразделна другарка Даела...пишува Тина. 

- Беше најголемата азиска слоница во Европа според Гинисовата книга на рекорди, но исто така и една од најстарите во светот. Доживеа длабока старост, овде во Скопје, но болката е преголема зошто ти беше животно со многу емоција во себе, небаре детенце со добра душа. Од тебе научивме многу работи, за тоа што е другарство, што е љубов и што е сочувство.

Последните неколку години кога веќе почна да те фаќа сенилност знаеше на моменти да свириш со сурлата во празно како што тоа си го правела на усните хармоники поставени под шаторското крило на циркусот. Тогаш срце ми се кинеше кога ќе те видев... Не знам колку пати жива те преплакав за овие шест години, а можеш да замислиш како ни е сега на сите што те сакавме и колку солзи има за тебе. Ќе бидеш сега во рајот на слоновите, слободна без оковите на минатото.

Најмила Дуња, џинот со добро срце - те сакаме!

п.с Ве молам може да пишувате се, но немојте само навреди за моите колеги кои даваат се од себе за животните, а особено за Дуња цел изминат период и овој момент не скрши тотално... - наведе во објавата Мицковска.