Не знам како да престанам да те сакам...

Ми недостигаш. Мразам што го признавам тоа самата на себе, но ми недостигаш.

Ете, признав.

Помина време. И поминав низ целиот ролеркостер... не треба да се чувствувам вака. Воопшто.

Треба да те преболувам или барем да започнам со процесот на преболување. Доаѓа во бранови, но би лажела кога би рекла дека не ми недостасуваш постојано.

И лута сум самата на себе поради тоа.

Ти не се однесуваше добро со мене. Ме изневеруваше и правеше да се чувствувам исклучително лошо, па зошто тогаш толку ми недостасуваш?

Зошто толку силно се затрескав во тебе?

Знам дека ти не седиш дома и не мислиш на мене. Не ти недостасувам. Не се каеш што нашата врска заврши и не ти е жал за тоа што го направи.

Се чувствувам искористено, безвредно, како воопшто да не заслужувам љубов. Што направив за да го заслужам ова?

Одговорот е: Не направив ништо. Ама баш ништо.

Те сакав, чисто и искрено. Бев до тебе кога никој друг не беше. Правев се што бараше од мене. Јас бев среќна со тебе и мислев дека ми се посреќило.

Не можев да престанам да зборувам за тебе. Бев толку возбудена што те гледам и што поминувам толку време со тебе.

Но, кога ќе погледнам назад, никогаш не бев доволна. Никогаш не направив ништо за да се однесуваш со мене онака како што се однесуваше.

Го искористи моето срце и го искорна и го прегази.

Последниве неколку месеци се обидувам да ги соберам скршените парчиња и да си го залепам срцето. И некако успевам да се вратам назад во нормала.

Но, се уште чувствувам како да не ми поаѓа од рака преболувањево и тоа ме убива.

Не треба да ми недостигаш, не треба се уште да те сакам и не треба да ме боли толку. Кога ќе заврши сето ова?

Кога конечно ќе продолжам понатаму?

Ти никогаш не ме сакаше, ниту пак се грижеше за мене, па зошто тогаш јас се грижам?

Се уште тонам и таман кога ќе помислам дека сум испливала на површина, повторно потонувам.