Не влечениот, туку тој што влече на снимката е починатото лице од кругот на битолската болница - МВР сподели детали

После четири дена откако телото на 39-годишен струмичанец беше пронајдено во кругот на битолската болница, МВР откри детали за настанот, но и за видеоснимката која се појави во јавноста, на која се гледа како човек без свест е влечен човек по Широк Сокак.

Наспроти првичните информации, од МВР велат дека човекот кој на снимката го влече онесвестениот е всушност струмичанецот кој беше пронајден мртов, објави „Телма“.

„Во врска со видеоснимките од социјалните мрежи, ве информираме дека од страна на СВР Битола утврден е идентитетот на лицата кои се на снимката, при што за расчистување на настанот повикани се повеќе лица на службен разговор. Потенцираме дека споменатото починато лице Ј.И. во дворот на Клиничката болница Битола не е лицето кое на видеоснимката е влечено од страна на друго лице“, соопштиле од МВР за „Телма“.

Од друга страна, од Клиничката болница за „Телма“ потврдуваат дека сега починатиот претходното утро околу 4 часот бил донесен во болницата со возило на Брзата помош. Тој бил испратен на хирургија, невропсихијатрија, психијатрија и на рентген и ги поминал сите прегледи, освен рентгенот, по што заминал.

Според телевизијата, се работи за 39-годишниот Јашар И., кој десетина години живеел во Битола. Неговото тело беше пронајдено во дворот на болницата дури следниот ден околу пладне. Обдукцијата покажала дека тој починал од срцев застој. 

И од обвинителството и од МВР велат дека се работи на расчистување на случајот. Сите луѓе кои се гледаат на снимката објавена на социјалните мрежи се идентификувани, а повеќемина се повикани на службен разговор, велат од полицијата.