Не верувам дека среќата трае кратко, само сум свесна дека не сме научени да бидеме среќни

Не верувам дека луѓето се добри додека не се докаже спротивното. Кај мене баш работите се спротивни од самиот старт. Ако постои добрината, повели докажи ја.

Не верувам дека постои Бог, затоа што ако постоеше, зарем ќе молчеше додека гледаше како невини страдаат, деца гладуваат, а луѓето живеат само за уживање и награда?Награди ме додека постојам. Забележи ме тука и сега. По смртта и онака никој не знае што ни следува.

Не верувам дека општеството е демократско, ниту пак дека постои рамноправност, без оглед што другите го мислат тоа. Не верувам дека е подобро да се молчи и дека попаметниот попушта, затоа што баш преку повеќедецениското молчење ги гледам последиците од тоа молчење.

Не верувам на објавите на социјалните мрежи, затоа што она што навистина вреди не успеваш да го споделиш на социјални мрежи. Затоа на другите им се сервира привид кој е вреден за еден лајк. Не верувам во среќа која се разлева од сите страни и наметнување на добрина. Верувам дека убавите работи се кријат далеку од очите на јавноста.

Не верувам дека се живее само еднаш и дека за човекот постои само една вистинска личност, затоа што никој не е 100% компатибилен со некој друг. Затоа се пронаоѓаме едни со други во делчиња.

Не верувам дека успехот се постигнува преку ноќ. Не верувам дека си помалку машко ако заплачеш, љубиш и го покажуваш тоа. Поеднакво не верувам дека си помалку жена ако не покажуваш емоции. Не верувам дека светот е црно-бел, затоа што боите го прават толку посебен. Не верувам дека постои оправдување за тоа да ги каменуваме другите кои не се како нас.

Не верувам дека среќата трае кратко, а тагата трае долго, само сум свесна дека не сме научени да бидеме среќни.

Не верувам дека сме состојба да бидеме компетентни за се, а во суштина да не знаеме ништо. Не верувам дека не знаеме колку е големо нашето незнаење.

А сепак, не морам да верувам за секојдневно да ги правам сите работи и да живеам според начелата на лажните верувања.

Така функционира целиот свет.

А сепак се врти.