Не те чекам повеќе!

Не те чекам повеќе.

Поради предалечните илузии кои љубовта не можеше да ги скроти, а ти не можеше да ги оствариш. Поради стравот кој го имав, страв од живот без тебе. И поради тоа што тој страв се претвори во опсесија и ме вовлече во својот мрак.

Предолго те чекав. Во тишина. Поради празните столици, чинии, чаши, пепелници, јастуци, туш кабината во која се стискавме само за заедно да се тушираме, кутијата Малборо која се уште ја чувам. Исто како и запалката. И четкичката за заби. И твојата крпа. И поткошулата од која не излегувам.

Поради тоа што немам повеќе на кого да се дерам кога ќе го сврти телевизорот кон креветот, кога нема да ги избрише трошките од себе,  да ме засмејува додека зборувам на телефон со сериозни луѓе. Поради твојата омилена песна, која залудно свири, како во секој момент да ќе се појавиш, да се насмевнеш, да почнеш полека да мавташ со главата од едната на другата страна, следејќи го ритамот и да ми ги развлекуваш рацете во танцувачки потези, додека превртувам со очите, затоа што не ја поднесувам музиката којашто ја слушаш.

Не те чекам повеќе.

Затоа што ја заборави љубовта која ја дававме во мали дози, за да не се предадеме целосно, а потоа се случи таа да експлодира при што се помеша и твојата и мојата, односно тоа беше моментот кога престана да биде важно што кому припаѓа, затоа што се бевме ние и се беше наше. Заедничките откуцувања и толку капки душа кои тогаш си ги оставивме еден на друг.

И затоа што заборави како спокојно спиеш на мојот стомак додека патуваме на некое поубаво место. И сите мои грижи, нервирања, осипи на вратот, деконцентрација. Зорите кои ги дочекувавме заедно. Како ми ја сушиш косата и ме чешлаш пред спиење. Како јас, само што пробудена, по напорниот излет на море, ги барам очите на палубата. Нашето кафуле на плажата. Сите заеднички купувања и шетања. Вкусната храна која ја откривавме заедно. И уште безброј ситници со кои ме обележа.

Заборави дека ти бев пријател и брат и сестра и мајка и љубовница. И во секоја од тие улоги јас целосно се давав себеси.

Прегратка за добра ноќ.

И како наутро ме гњавиш, а јас уште нерасонета.
И како некогаш нашата најголема расправија беше кој да оди по ручек.
Заборави. На животот со мене. На животот кој ги подразбираше нашите испреплетени делови, безрезервно, непромислено и потполно дадени.

Не те чекам повеќе.

Предолго те пронаоѓав во своите зборови, во својот жаргон, во своите пцости. Ставовите кои ми ги промени, инаетот кој ми го изостри. Пореалните погледи на светот.

Не те чекам повеќе.

Поради совеста која ме гризеше и за тебе и за мене, затоа што оставаме напукната, изрезбана, распадната, немоќна и сама љубов. Поради тоа што ми го одзема и што ја барам неуспешно, залудно и се предавам на тој мазохизам со кој се уништувам себеси одејќи по нејзините крици, чувствувајќи ги нејзините болки, рани, зараснувања и така повторно отпочеток, додека не ти здосади.

Не те чекам повеќе.

Поради деновите исполнети со самотија, поради ноќите во кои се гушев од очај, сопирајќи го здивот секогаш кога солзите ќе ме фатеа неспремни. Затоа што толку долго ме болеа моментите кога ти ме предаде, кога љубеше друга, навредите, омаловажувањето, фотографиите на кои стоиш покрај мене како оловен војник, безобзирноста, заминувањето...

И  затоа што толку пати себеси лажно се уверував дека преболев. Поради тоа што предолго се враќав назад, пловејќи во разговори, погледи, детали, губејќи се во тој лавиринт, барајќи потенцијални причини, погрешни зборови, причини поради кои ме остави. И поради тоа што и денес не знам.

И затоа што денес имам поголем страв од оние кои преку ноќ престануваат да сакаат, отколку од оние кои никогаш не ме ни сакале.

Не те чекам повеќе.
Затоа што предолго чекав.
Зборував, мислев, пишував за тебе.
И ти зборував: „Кога ќе се покаеш ќе биде доцна.“
Не ми веруваше, а сега повторно си тука и се каеш.
Сега кога веќе не сме ништо и кога ништо не е наше.

Се изгубив во нијансите на твојата личност и твојата љубов, кои се менуваа од крајност во крајност. Нашата љубов потона во спектарот, удавена во нијанси, распукната и прелиена од малите димензии со кои ја окова.

И не, љубов, не те чекам повеќе.

Затоа што постоеше љубов и ќе постои во сите други облици  и во поубави нијанси, нијанси со кои ќе сјаам и кои ќе ме ослободуваат.

Мој извору на инспирација, за повторно да верувам во љубов, морам да престанам да верувам во тебе.

И од овој момент го правам токму тоа.

Затоа што не те чекам повеќе.

И ова се последните редови кои ти ги посветувам.