Во свет полн со брзи мислења, осудувања и коментари напишани во налет на гнев, забораваме на едно нешто: не ја знаеме туѓата приказна.

Photo by BOOM:
Не знаеме што поминале, што ги боли, што ги држи будни навечер. А сепак, како општество, лесно и брзо носиме заклучоци. Преку поглед, преку озборување, преку коментар под туѓа објава. Особено на социјалните мрежи, каде анонимноста и екранот нè прават храбри на начин што ретко би го изговориле во лице.
Станува сè почеста практика луѓето да навредуваат други само затоа што не живеат според „стандардниот шаблон“. „Зошто немаш деца?“, „Кога ќе се мажиш?“, „Па што чекаш на тие години?“, „Што не успеа во бракот?“ – прашања и коментари кои не само што се навредливи, туку и длабоко болни. Не секој што е сам го избрал тоа. Не секој што нема деца не се обидел. Не секој развод значи неуспех. И не секоја тишина е срам, понекогаш е преживување.
Социјалните мрежи стануваат простор каде се нормализира несензитивноста. Под фотографија на жена во триесетите без деца, има коментари како „ајде веќе, поминува времето“. Под слики од мажи кои живеат сами, „што не си нашол никого досега?“ Под видеа од разведени родители, „па требало да мислите кога сте се венчавале“. Никој не го знае целиот контекст, но сите мислат дека имаат право да судат. Забораваат дека зад секој профил стои човек со болка, загуба, избор, и тишина што не ја должи никому.
Престанете да користите традицијата како оружје. Семејство не е само маж, жена и дете. Љубовта не секогаш изгледа како на разгледница. Не секој живот оди по истиот тек, ниту секој успех се мери со бурма, количка и свадбена слика. И не, не е ваша задача да ги „вратите на пат“ луѓето што се различни. Вашата задача е да бидете човек. Да бидете присутни без да навредувате. Да поставувате прашања без судење. Или едноставно, да молчите ако не знаете што да кажете.
Некои луѓе водат битки кои не ги објавуваат. Поминуваат низ хормонски терапии, тешки разделби, години на самотија, трауми од детството, или само, избираат да живеат по свое. И тоа е во ред. Она што не е во ред е што се уште мислиме дека имаме право да ги категоризираме другите според свои мерила. Време е да се тргнеме од позицијата на судија – и да избереме емпатија наместо его.
Во време кога сите бараме разбирање, ние први треба да почнеме да го даваме. Не знаеш зошто некој не станал родител, не знаеш зошто се повлекол, зошто е сè уште сам, зошто не зборува. Па затоа, не суди. Прашај. Биди нежност. Или дозволи некој да постои без твојот коментар.