Не смеете да дозволите туѓото мислење да ви ја обликува душата...

Често го бараме одобрувањето од другите луѓе, а сепак толку малку се одобруваме себеси. Понекогаш човек се фаќа во таа мрежа, па не знае како да излезе од неа. 

Уште едно научено шаблонско однесување. Што мислите, колкумина од нас живеат во постојана потрага, со желба за истото? За што всушност копнееме? Што се крие зад тоа? Можеме ли некој да присилиме да мисли исто како нас? Не би рекла. Зарем би требало сите да мислиме исто?  А што ни значи туѓата потврда? Што има врска со нас? Каде се нашите потреби? Каде е љубовта кон себе? Зарем е поважно некојси друг човек да ни даде одобрување, наместо да си дадеме самите на себеси? И што е воопшто тоа со туѓото одобрување? Ни носи привремено задоволство кое брзо го снемува. 

Да кажеме вака, постојано бараме внимание. Знам како е тоа, затоа што порано и јас така живеав. Додека не се сакав самата себеси, тоа ми беше многу важно. Сѐ ми беше поважно отколку јас и мојата душа. И така човек се држи за секој убав или груб збор, па мисли дека тоа некако има врска со него. 

Знаете што? НЕМА. Тоа е нивното мислење. Тоа им припаѓа на нив, а не на вас.

Толку време чекаме туѓи лајкови, зарем тоа одредува какви луѓе сме ние? Зарем тоа покажува колку ни е квалитетен животот? Додека живееме така, постојано барајќи го вниманието и одобрувањето од другите, ние всушност не се одобруваме себеси. 

Такви сме какви што сме и тоа е океј. Точка. Дали навистина ни треба туѓо одобрување?

Убаво е да се има поддршка и заштита, но она што другите го мислат за нас не би требало да ни ја обликува душата и да го одредува правецот по кој ќе се движи нашиот живот.