„Не секоја промена е реформа“ - Интервју со професорката од Педагогија Томевска-Илиевска за образованието што ѝ е потребно на Македонија

На прагот на новата учебна и академска година, македонското образование повторно се соочува со прашањата за квалитетот, реформите и насоката во која треба да се движи системот. Наместо краткорочни и чести промени, потребна е долгорочна визија, поголема поврзаност меѓу сите образовни нивоа и политики засновани на стручни анализи и истражувања.

За актуелните предизвици во образованието, почетокот на новата академска година, интересот за студирање на Институтот за педагогија, но и за тоа каков образовен систем ѝ е потребен на Македонија, разговараме со проф. д-р Елизабета Томевска-Илиевска, редовна професорка на Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје, која 25 години работи во областа на педагошките науки.

Во интервјуто таа се осврнува и на потребата од поголема стабилност во образовните цели, професионална автономија на наставниците и професорите, како и создавање систем во кој учениците и студентите ќе бидат активни учесници во сопственото образование. 

Томевска-Илиевска смета дека од особено значење е да се актуализираат овие теми што се од големо значење и за кои е потребно често и отворено да се зборува, бидејќи, како што вели, за нив се засегнати децата, учениците и студентите, како и наставниците, професорите и не со помала важност родителите и членовите од поширокото семејство.

„Овие теми меѓусебно обединуваат повеќе институции, како што се: градинки, основни и средни училишта, факултети, државни образовни институции, локални самоуправи, медиуми и пред сè тоа се теми со важност од национален интерес“, потенцира професорката. 

Во продолжение првиот дел од интервјуто со проф. д-р Елизабета Томевска-Илиевска: 

За неколку денови почнува академската година. Како течат подготовките?

На самиот праг на новата академска година, подготовките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се во полн ек, а во периодов акцентот е ставен на третиот уписен рок на Универзитетот.

Примените студенти го завршија уписот, и верувам дека со нетрпение и со голема возбуда го очекуваат 1 октомври, а наставниот и соработничкиот кадар активно ги спроведува последните подготовки за наставата во новата академска година.

Ректоратот се подготвува за свечениот Прв академски час со кој Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ќе го одбележи започнувањето на новата академска година и ќе ѝ посака добредојде на новата генерација студенти. Свечениот настан ќе се одржи на 1 октомври 2026 година (четврток), со почеток во 10:00 часот, на платото кај споменикот на светите Кирил и Методиј.

Во рамките на свеченоста ќе се одржи симболичниот чин на доделување индекси на по еден нов студент од секој факултет, како чин на добредојде во академското семејство на УКИМ. Програмата ќе опфати свечени обраќања, културно-уметничка програма и информативна сесија, како и пригодни активности за дружење и забава.

При анализа на пошироката слика за интересот на студирање и развојот на УКИМ во изминатиот период се забележуваат значајни позитивни поместувања и стратешки раст на неколку клучни полиња: - раст на новозапишани студенти: бројот на новозапишани студенти почна видливо да расте, па така во академската 2025/26 година беа запишани 8,3 % повеќе студенти, во однос на претходната академска година. Интернационализацијата на Универзитетот бележи нагорна линија.

Бројот на апликации од дојдовни странски студенти е зголемен од скромни 27 во 2023 година на близу 520 за академската 2025/2026 година, што е директен резултат на воведувањето акредитирани студиски програми на англиски јазик и нивната активна меѓународна промоција, зголемената видливост на Универзитетот на меѓународно ниво итн. И во овогодинешниот уписен мандат има голем интерес за студирање на УКИМ, а во периодов се очекуваат официјалните податоци.

Дополнително, УКИМ бележи проширување на меѓународните хоризонти и стана дел од Алијансата ACROSS EU, која трипати се стекна со „Seal of excellence“, а во 2025 година стана дел од Европските универзитетски алијанси и го доби предзнакот „Е“ - Европска алијанса која е денес под директна поддршка од страна на Европската комисија. Бројот на меѓународни проекти кои се работат на УКИМ е триплиран. Исто така, зајакнати се и проектните капацитети и во таа насока е воспоставена Проектната канцеларија која дава комплетна професионална поддршка во изготвување и администрирање на проектните апликации, итн. Ова се само неколкуте чекори преку кои УКИМ успешно ја зголемува својата конкурентност, привлечност и препознатливост.

Има ли пад во бројката на новозапишани студенти на Институтот за педагогија во претстојната година?

Во овој контекст и студиската програма на Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет - Скопје продолжува да ја задржува својата вредност и да го привлекува интересот кај новите генерации студенти. Кога станува збор за Институтот за педагогија, како еден од најстарите институти при Филозофскиот факултет – Скопје, својата дејност ја насочува кон наставната и научно- истражувачката работа од областа на педагошките науки. Покрај тоа што квотата за запишување на студенти за претстојната академска година беше намалена, интересот за студирање останува стабилен и висок. Имено, и државната и приватната квота беа целосно исполнети уште во првиот уписен рок, што покажува дека педагогијата и понатаму привлекува млади луѓе посветени на развојот на воспитанието и образованието.

Кој е Вашиот главен совет/апел до сите инволвирани во македонскиот образовен систем токму на почетокот на учебната/академска година?

На почетокот на секоја нова учебна и академска година, вниманието најчесто е насочено кон организацијата на наставата, новите програми, учебниците и условите во кои учениците и студентите ќе го започнат образовниот процес. Сепак, сметам дека треба да се постави и едно пошироко прашање: Каков образовен систем сакаме да градиме во наредните десет или дваесет години?

Одговорот на ова прашање е многу поважен од која било поединечна промена што може да се воведе во текот на една учебна година. Мојот главен апел до сите кои се вклучени во образованието е да престанеме со чести, неповрзани и краткорочни интервенции и да започнеме да градиме образовна политика што ќе има јасна долгорочна насока. Образованието е област во која резултатите од една одлука често се гледаат дури по повеќе години. Затоа, секоја посериозна промена треба да претходи на добро осмислена, стручна анализа и истражување со добро обмислена временска динамика; компарирана, а не преземена од образовни системи од други земји и секако да не зависи од политички или институционални приоритети.

Особено важно е образовните реформи да не се прават изолирано. Образовниот систем претставува целина во која потсистемите меѓусебно (треба да) се надоврзуваат.

Предучилишното воспитание и образование треба да создава соодветна основа за основното воспитание и образование, основното образование да овозможи непречен премин кон средното, а средното образование да обезбеди знаења и компетенции што ќе бидат соодветна основа за високото образование и за понатамошниот професионален развој. Во оваа целина треба да има место и за образованието на возрасните, особено во услови кога знаењата и професионалните компетенции брзо се менуваат. Токму поврзаноста на образовните потсистеми е една од областите на кои треба да се посвети поголемо внимание. Не е доволно секој потсистем одделно да има добро подготвени стратегии, концепции и програми, доколку тие не се надоврзуваат меѓусебно. Затоа, потребна е поголема усогласеност на наставните и студиските програми, но и подобра комуникација меѓу институциите што се одговорни за различните нивоа на образование.

Во исто време, образованието мора подобро да одговори и на потребите на општеството и пазарот на трудот. Тоа не значи образовниот систем целосно да се подреди на моменталните потреби на пазарот, туку да создава млади луѓе кои располагаат со знаења и компетенции и можат да се приспособат кон промените. На младите им се потребни и стручни знаења, но и способност за критичко размислување, решавање проблеми, комуникација, соработка и самостојно учење. Токму овие способности ќе им овозможат да се снајдат и во професии и услови кои денес можеби сè уште не постојат. Оттука, реформите во образованието треба да се темелат на јасна визија, но и на континуитет.

Не секоја промена е нужно и реформа. Понекогаш е потребно да се направи пауза, да се анализираат резултатите од она што веќе е направено и дури потоа да се преземе следниот чекор. Во спротивно, честите промени можат да создадат несигурност кај наставниците, учениците, студентите и родителите наместо да придонесат кон подобрување на образовниот процес.

Во оваа смисла, сметам дека на образованието му е потребна поголема стабилност, но не стабилност која значи отпор кон промените. Напротив, потребна е стабилност во целите и насоките, а истовремено подготвеност тие насоки да се приспособуваат кога за тоа постојат јасни стручни и општествени причини. Само така може да се избегне состојбата во која секоја нова генерација ученици станува своеобразен „тест“ за нова образовна идеја или реформа. На крајот, би сакала да упатам апел и до самите наставници, професори, родители, ученици и студенти. Државата и институциите имаат голема одговорност, но образованието не може да се подобри само со нови закони, програми, стратегии и концепции. Потребно е повторно да се воспостави доверба меѓу сите засегнати страни што се дел од образовниот процес.

Наставникот и професорот треба да има професионална автономија и одговорност, родителот треба да биде партнер на училиштето, а ученикот и студентот активен учесник во сопственото образование. Ако сакаме да зборуваме за општество засновано на знаење, тогаш не смееме знаењето да го сведеме само на информации, оценки, дипломи или статистички показатели. Вистинската вредност на образованието е во тоа што создава способност човекот да размислува, да расудува, да прави разлика меѓу точна и неточна информација, да презема одговорност и своето знаење да го користи за себе и за заедницата.

Затоа, мојот главен апел на почетокот на новата учебна и академска година би бил едноставен: да престанеме образованието да го менуваме само заради промена и да започнеме да го унапредуваме со јасна цел, стручност и долгорочна визија. На Македонија не ѝ е потребна уште една изолирана реформа, туку стабилен, поврзан и функционален образовен систем во кој секој потсистем има свое место и поврзаност со останатите. Само таков систем може вистински да ги подготви младите за животот, за работата и за општеството во кое ќе живеат.