Не секој се радува на бесплатниот јавен превоз - Ќе претрпи ли штета такси бизнисот?

Додека повеќето со нетрпение го очекуваат проектот за бесплатен јавен превоз, има и такви кои не се израдуваа на оваа предизборна најава на сега веќе актуелната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска. 

Авто-такси превозниците велат дека бесплатниот автобуски превоз кој го ветува Арсовскa, ќе ги остави без работа.

Велат дека 2.700 таксисти и плус стотина диспечерки и диспечери се засегнати од проектот со кој граѓаните во автобусите на ЈСП „Скопје“ и приватните превозници ќе можат да се возат бесплатно.

„Кој ќе се вози со такси ако автобусите се бесплатни?  Со овој проект кој го најавува градоначалничката Арсовска целосно ќе се уништи такси бизнисот. Ние имаме купено нови возила и сега како ќе ги враќаме кредитите. Ако се воведе бесплатен автобуски преовоз ние ќе бараме да ни ги исплати кредитите. Ќе го блокираме седиштето на Град Скопје и ќе протестираме“, вели Абдула Рушити, претседател на Асоцијацијата на авто-такси превознци во изјава за порталот СДК.мк

Арсовска, пак, во предизборната кампања оствари среда со Асоцијацијата на легални такси превозници на која тогаш порача дека ќе го реши проблемот со нелегалните диви превозници, со цел да се спречи нелегалната конкуренција и сивата економија и дека мора да се постават такси станици на фрекфентни точки во градот. На тогашната средба Арсовска посочи дека ќе соработува и ќе ги поддржува такци-превознивите, со цел ред со такси превозот во градот.