„Не се залетувај!“-кампања за подигнување на свеста за ризикот од трговија со луѓе

Не се залетувај!“ е кампања лансирана во Северна Македонија од страна на НВО Отворена Порта Ла Страда со поддршка од Европската Унија и Советот на Европа преку заедничката програма „Хоризонтален Инструмент за Западен Балкан и Турција 2019-2022” (Хоризонтален Инструмент II),  која е насочена кон информирање и подигнување на свеста на јавноста за ризиците од трговијата со луѓе со цел трудова експлоатација.

–Недостатокот на информации и можности ги принудува луѓето да прифаќаат сомнителни понуди за работа и како резултат на тоа да станат жртви на трговија со луѓе со цел трудова експлоатација. Младите, најчесто од неразвиените региони на земјата, одлучуваат да бараат работа во странство, несвесни за можните ризици и со тоа да станат жртви на измама (во однос на условите за работа и плата), но исто така и ограничувања на слободата, одземање на пасошот и можноста да бидат подложени на суров третман и експлоатација, велат од Отворена Порта Ла Страда.

Оттаму посочуваат дека според глобалната проценка 40,3 милиони луѓе, вклучувајќи 24,9 милиони во принудна работа, се жртви на на модерно ропство. Интернетот во голема мера ја олеснува трговијата со луѓе и има клучно влијание врз целиот синџир на трговија со луѓе, од регрутирање и транспорт до сместување на жртвите и нивна експлоатација. Регрутирањето на жртвите се повеќе се одвива преку Интернет.

-Трговците со луѓе ги намамуваат жртвите со ветувачки реклами за работни места или патувања, поставени на општите страници за огласување или дистрибуирани преку агенции за посредување, меѓународни агенции за склучување брак или страници за запознавање љубовен партнер. Покрај огласите, трговците со луѓе директно им приоѓаат на жртвите и во групите за разговор или на мејнстрим социјалните медиуми, велат од Отворена Порта Ла Страда.

Извештаите на Групата експерти на Советот на Европа за акција против трговија со луѓе (GRETA) забележуваат дека сезонските мигранти и мигрантите со нерегулиран престој, особено оние кои немаат редовен пристап до пазарот на трудот, се особено изложени на ризик од трговија со луѓе со цел трудовата експлоатација.

-Кампањата „Не се залетувај!“ има за цел да се зголеми свесноста кај луѓето, особено кај помладите, да покаже дека еден клик нѐ дели од опасностите и да нѐ информира за мерките на заштита кои граѓаните можат да ги преземат за да се намали ризикот од трговија со луѓе заради трудова експлоатација, истакнува Стојна А. Димишковска од Отворена порта Ла Страда.

Најновите извештаи покажуваат дека во странски земји, каде што луѓето мигрираат претежно за работа и подобар живот, има македонски државјани жртви на трговија со луѓе заради трудова експлоатација.

За жал, како што посочуваат од посочуваат од НВО Отворена Порта Ла Страда, Северна Македонија се смета и за земја на потекло на трговија со луѓе. Исто така, постојат случаи на таканаречена „внатрешна“ трговија со луѓе, каде што граѓани, претежно деца, од Северна Македонија се тргувани внатре во земјата. Возрасната граница на жртвите е драстично намалена и повеќето од жртвите се на возраст меѓу 13 и 17 години.

-Ова е една од клучните причини зошто видеата изработени во рамки на кампањата за подигање на јавната свест ќе бидат споделувани на медиумите, но и на социјалните мрежи, и ние се надеваме на поддршката на македонските инфлуенсери од популарната глобална мрежа ТикТок, со цел да опфатиме што е можно поголема публика. Секое споделување на видеата на вашиот личен профил е поддршка на кампањата и ваш придонес во борбата против трговијата со луѓе, вели Јасмина Д. Рајковска од Отворена порта Ла Страда.