Филмскиот проект во развој „Не се согласувам!“ на сценаристот и режисер Кристијан Ристески и продуцентот Дарко Попов (Фокус Покус) е селектиран за учество на најпрестижната европска програма за развој на сценарија eQuinoxe.
Филмот е црно-хуморна социјална драма за еден 65-годишен анархист и неговиот аутистичен внук кои, откако моќни поединци и системот ќе се свртат против нив, на креативен и луциден начин ќе ги „хакнат“ апсурдите на македонската реалност.
„Не се согласувам!“ е прв селектиран македонски филм и само четврти селектиран филм од регионов во три-децениската историја на eQuinoxe. Претходниот, „Quo Vadis, Aida?” на Јасмила Жбаниќ, беше номиниран за Оскар и ја освои Европската филмска награда за најдобар европски филм.
Во досегашните изданија на eQuinoxe ментори на селектираните проекти биле оскаровците Акива Голдсман (A Beautiful Mind), Пол Хагис (Crash), Сајмон Бофој (Slumdog Millionaire) и Френк Пирсон (Dog Day Afternoon), како и Дејвид Маги (две номинации за Оскар – The Life of Pi и Finding Neverland), Ентони Меккарен (БАФТА и две номинации за Оскар – The Theory of Everything и The Two Popes), Шејн Конатон (номинација за Оскар – My Left Foot), Робин Свикорд (номинација за Оскар – The Curious Case of Benjamin Button), Дени Рубин (БАФТА – Groundhog Day), Карл Готлиб (Jaws), Кит Карсон (Paris, Texas), Рихард Рајтингер (Wings of Desire), Маркус Бернтштајн (Central Station) и Кристофер Воглер (The Lion King и автор на легендарната книга за пишување сценарија The Writer’s Journey).