Не се смееме како порано...

  • „Еј, знаеш дека никој не се смееше таму?“
  • „Да, сега кога ќе размислам, навистина никој не се смееше...“
  • „Тоа е страшно. Имаме 30 години, а се однесуваме како баби. Воопшто не се смееме.“
  • „Па добро, не сме кловнови за да се кезиме и кикотиме како пред 10 години.“
  • „А зошто да не? Што има лошо во смеењето?“

Стана нормално да не се смееме. Општеството постојано е насочено кон: позитивни мисли, оптимизам без крај, позитивно родителство, позитивен поглед на светот, итн. А да фрлиме еден поглед врз луѓето, ќе видиме само негативна енергија.

Песимистите тврдат дека се реалисти. Велат дека не е природно постојано да бидеш насмеан и среќен. Велат дека не треба да се придржуваме до тоа. Светот е опасно место, без многу причини за смеа. Дури и малку е срамота да се насмееш, затоа што нема работа, пелените поскапеа, децата вриштат, кредити имаме на врат...

Но, јас не гледам зошто секогаш морам да зборувам само за моите проблеми кога ќе седнам со друштвото. Да правиме некаква колективна терапија. Седиме и се натпреваруваме на кого му е потешко. Па ајде бре да се насмееме, па сигурно устата ни служи и за нешто друго освен за прераскажување на едните исти маки?

Не сум глупава. Кога имаш проблем – имаш проблем. Но, што ако цело време и тоа баш цело време збориш само за тоа? Може и малку да се насмееш нели? Дозволи си го тој луксуз!

Се сеќавам на баба ми која постојано ни викаше: „Не се смејте толку, за да не плачете после!“ И одма ме растажува тој балкански менталитет.

Ако ги прашате моите познаници, сите ќе ви кажат дека насмевката е мој заштитен знак. Отсекогаш сум имала ведра природа. А кога ќе размислам, годините многу убаво ми ја изострија сликата и сега е сосема јасно дека јас сум само убаво спакувана меланхолија. Меланхолија која не умее да ги покаже своите заби. Само така некако фино се смешка. Каква жена би била кога не би била составена од сите противречности?

Се враќаме од куќата на друштвото, со брз чекор и бавни мисли. Без насмевка, која сепак некако срамежливо се појавува на лицето кога ќе сфатам дека и натаму имам насмевка на лицето, дури и кога друштвото е сериозно.