„Не сакам следниот пат кога ќе видам дете на тротинет да се прашувам дали ќе остане живо“ - Освестувачки статус на Фејсбук

Скопјани веќе подолго време алармираат за ризикот кој го носат електричните тротинети во сообраќајот. Но, кога на тоа дека ќе се додаде дека и мали деца и тинејџери управуваат со овие превозни средства, стравот е оправдан, со оглед дека децата не носат заштитни кациги, а се случува и да возат додека разговараат на телефон.

За еден ваков случај алармираше една корисничка на социјалните мрежи која го сподели своето искуство и својот оправдан страв, но и преудпредувачка порака до сите родители. 

Нејзината фејсбук објава ви ја пренесуваме во целост: 

- Денеска додека возев, имав прилика да присуствувам на една страшна сцена, која веќе со години е пракса на нашите улици.

Две мали девојчиња, на возраст од најмногу 10 години се возеа на тротинет. Нормално, без кацига на главата.

Девојчето што управуваше со тротинетот возеше на улицата, иако имаше обележан простор за велосипеди на тротоарот. Не само што возеше на улицата, туку возеше во спротивна насока на мојата.

Додека возеше, рамото и беше подигнато, зошто зборуваше на телефон. Во еден момент изгуби контрола и двете девојчиња паднаа додека се разминував со нив. На ретровизорот видов дека и двете паднаа на главата, но за среќа истрчаа луѓе и веднаш ги застанаа колите кои доаѓаа во нивна насока.

Што се случило понатаму и колку сериозни се нивните повреди не знам, само се надевам дека не се сериозни.

Оваа случка ја споделувам не за да обвинувам, туку за да повикам на итна свест и одговорност. Тротинетот не е играчка, тој е превозно средство што, во рацете на дете без искуство, претставува вистинско оружје. Уште пострашно е кога тоа дете зборува на телефон, вози на улица, и тоа во спротивна насока, додека нема ниту шлем, ниту надзор од возрасен.

Повредите на главата, дури и кога изгледаат "лесни", можат да бидат смртоносни. Мозочни потреси, внатрешни крварења, трајни оштетувања на мозокот, се тоа е реална последица од еден пад, една секунда невнимание. Побарајте информации колку од најтешките повреди на главата во последно време, всушност се повреди од пад со тротинет.

Родители, не им давајте на децата алатки кои не знаат да ги користат. Не им купувајте тротинети, велосипеди или електрични уреди на деца под 14 години. Особено ако не сте подготвени да одвоите време за да ги научите како безбедно да ги користат и активно да ги надгледувате додека тоа го прават. Тоа не е слобода, тоа е напуштање на одговорноста.

И што е со нашите градови, институции, училишта, каде се зачестените сообраќајни контроли за кои молиме со години? Кога ќе почнеме да зборуваме и сериозно да се зафатиме со последиците од немањето основна сообраќајна култура, да се вози во мал град, како Струмица, веќе е стресно исто како да си во Скопје. Нели е време конечно да зборуваме за сообраќајна едукација уште од мали нозе? За употреба на заштитна опрема и казни кога истата не се употребува? За санкции кога родителите дозволуваат нивните деца да го загрозуваат и својот и туѓиот живот?

Не сакам следниот пат кога ќе видам дете на тротинет да се прашувам дали ќе остане живо. Сакам да го видам со кацига, на соодветно место, со одговорен возрасен во близина.

Зошто животот не се враќа назад.