Не сакам да се задоволам со врска без страст...

Почнувам да мислам дека можеби не сум предодредена за љубов. Претпоставувам дека не е во прашање љубов, туку возвратена љубов, или некој тип на љубов која би натерала некого да сака да направи нешто за да биде со мене.

Можеби проблемот е во тоа што мислам дека љубовта треба да биде волшебна, а не логична. Мојата душа копнее по електрицитет, искри, поезија и бакнежи со сродната душа кои прават целиот свет да исчезне.

Сепак, колку и да копнеам по тоа, колку и да давам таква љубов на другите, јас никогаш не добивам таква љубов. Никогаш не сум девојката на која дечкото ѝ вика: „Душо, ќе направам сѐ да успееме, затоа што ти си вистинската.“

Меѓутоа, уморна сум од тоа да се лажам себеси и да се преправам, а уште повеќе сум уморна од верување во љубов и вербата дека еден ден ќе престанам сама да си легнувам навечер.

Мислам дека конечно сфаќам дека никогаш нема да бидам сакана на начинот на кој сакам да бидам. Можеби мојата судбина да бидам сама и да давам, а никогаш во целост да не добивам.

Претпоставувам дека на одреден начин тоа е и моја грешка, затоа што и во најголемата темнина го гледам светлото. Никогаш не се фокусирам на причините поради кои работите не функционираат, туку само на причините поради кои треба да функционира.

Не гледам колку ќе биде тешко, туку колку ќе биде вредно за трудот. Не трошам минута околу тоа како љубовта ќе влијае на другите, затоа што знам дека кога еднаш човек ќе најде љубов, не сака да ја пушти баш туку-така.

Секогаш сум била романтична, ги обожавам филмовите во кои љубовта победува. Можеби љубовта и не е нешто што го барам, колку што сакам некому да бидам посебна.  Не сакам обична љубов. Не сакам другите да ја одобруваат нашата врска само затоа што имаме заеднички работи или затоа што тој би бил добар додаток во моето семејство. Не сакам некој да рече дека ние двајца заедно „имаме смисла“. Сакам маж кој ќе се бори за мене и сакам да чувствувам дека ме чува во срцето. Сакам маж кој ќе се бори за нас и за мене на ист начин на кој и јас би се борела за него. Некој кој и со дела ќе покаже дека вредам за него.

Не мислам дека барам премногу. Не мислам дека е лудо тоа што мислам дека љубовта се појавува и на најчудни места и дека кога тоа ќе се случи, наместо да бегаме, треба цврсто да останеме со нозете на земја и да ја чуваме таа љубов.

Не знам што ќе донесе утрешниот ден. Не знам дали еден ден ќе најдам таков маж. Не знам дали ќе бидам сакана на начинот на кој треба да бидам сакана. Можеби љубовта не ми е судена. Можеби судено ми е да го поминам овој живот сама, давајќи безусловна љубов на луѓето околу мене.

Можеби само во својата самотија можам да сакам онака како што сакам. Но, знам дека сум во право што го чувствувам ова. Научив дека од љубовта ќе добиеш убави работи само ако веруваш дека таа постои.

Што се однесува до мене, попрво би седела дома, верувајќи во оваа несовршена, тешка визија за љубовта, отколку да се задоволам со врска без страст и љубов.