
Три од четирите безбедносни сензори на жичницата на Водно не работеле. Носечките и влечните сајли биле оштетени над дозволениот безбедносен минимум - констатирала реномираната австриска компанија „Допелмаер“ при техничкиот увид на жичницата, јавува Телевизија 24.
Наодите се разликуваат од проверка што во август минатата година ја извршиле ЈСП и Министерството за транспорт кои утврдиле дека нема технички недоследности, по што жичницата продолжила да работи до 25 април годинава.
Од Град Скопје за Телевизија 24 потврдиле дека била побарана понуда за фирма која ќе направи проценка колку ќе чини штетата, за која тврдат дека е резултат на децениско неодржување на жичницата.
Во однос на одговорност, оттаму за телевизијата посочиле дека надлежните институции требало да утврдат можни неправилности и да постапат согласно законот.
„Побарана е понуда со цел да се утврди колку ќе чини целосната дефектажа и враќање на жичницата во функција. Констатирани се сериозни недостатоци, предизвикани од тоа што со години не биле спроведувани неопходните големи сервиси и редовното одржување. Не станува збор за мали или тековни интервенции, туку за сериозен и обемен сервис кој очигледно бил занемаруван речиси една деценија. Во однос на евентуалната одговорност, како и сите случаи, за секој оној што направил неправилности - потребно е истражните органи да го испитаат случајот и да постапат согласно Законот“, изјавиле од Град Скопје за Телевизија 24.