Не пропуштајте ниту еден чекор: Како да се грижите за кожата пред и по вежбање?

Ако редовно вежбате, можеби често сте збунети околу тоа што смеете да ставите на кожата пред тренинг, а што потоа, но и како најправилно да ја негувате за оваа намена. 

Пред тренинг, најдобро е да се истуширате со гел за туширање и да го измиете лицето, за да не ги затнувате порите со други козметички производи. Единствено, доколку тренингот е на отворено, треба да нанесете крема или лосион со заштитен фактор.

Шминка

Иако нема пишано правило, најдобро е да се вежба без шминка на лицето. За време на вежбањето се засилува циркулацијата и со тоа порите се поотворени. Во комбинација со потта и шминката, во нив може да навлезат опасни бактерии и да предизвикаат кожни иритации.

Затоа, најдобро е лицето темелно да се исчисти пред вежбање од сите остатоци од шминка. 

По тренингот

Лицето најпрво измијте го од потта со нежен сапун. Откако ќе пристигнете дома, можете да ставите хидратантна маска, после која задолжително нанесувате хидратантна крема за лице, ако кожата ви е сува. За мрсната кожа треба да користите прочистувачка маска и соодветни средства за нега. 

На кожата на телото направете пилинг, истуширајте се со омилениот гел за туширање и намачкајте се со хранлив лосион. Поради тоа што после вежбањето лимфниот систем е попрооден, ефектите на козметичките производи ќе бидат повидливи. 

Што никако не смеете да користите

Немојте да користите пилинзи врз основа на овошна киселина. Тие функционираат на начин што го нагризуваат мртвиот епител, но и дел од здравите клетки, оставајќи ја кожата нежна и мека, но и подложна на иритации доколку дојде во допир со нечистотија.